Норвешка воведува крвен тест за откривање промени во мозокот поврзани со Алцхајмерова болест
Тестовите веќе се достапни во болниците и наменети се за пациенти што покажуваат когнитивни симптоми. Со нив се мерат нивоата на специфичен протеин што се поврзува со Алцхајмеровата болест.
БРИСЕЛ (АА) - Норвешка првпат почна да користи крвни тестови за откривање промени во мозокот поврзани со Алцхајмеровата болест, објави денес норвешкиот јавен радиодифузен сервис НРК, јавува Анадолу.
Тестовите веќе се достапни во болниците и наменети се за пациенти што покажуваат когнитивни симптоми. Со нив се мерат нивоата на специфичен протеин што се поврзува со Алцхајмеровата болест.
Во неодамнешната студија, подготвена од Универзитетската болница во Ставангер, биле анализирани повеќе од 11.000 примероци крв од лица на возраст од 57 години и постари.
Резултатите покажале дека секој трет Норвежанец над 70 години има мозочни промени поврзани со Алцхајмер, додека кај лицата над 90 години погодени се повеќе од 60 проценти.
Експертите наведуваат дека крвниот тест претставува значително поедноставна и помалку инвазивна алтернатива во споредба со претходните дијагностички методи, кои вклучувале земање примероци од ‘рбетниот канал.
Во тек се и планови тестот да стане достапен преку матичните лекари, што би можело да придонесе за порано откривање на болеста и подобра превентивна грижа.
Во Норвешка наскоро се очекува и процена на нови лекови што имаат цел да го забават напредувањето на Алцхајмеровата болест, како што се „лекемби“ и „кисунла“. Сепак, според експертите, нивната висока цена и потребата од болничка примена остануваат значајни предизвици.
