Adel Omeragic
21 Јули 2019•Ажурирај: 23 Јули 2019
МАРТИНИЌИ (AA) - Адел Омерагиќ
Во не толку далечното минато, кога селата биле полни и кога луѓето во голем број ја обработувале земјата, без оглед дали се работи за централниот или северниот дел на Црна Гора, речиси да не постоело домаќинство кое како главен сојузник за работа на поле го немало магарето... Слична идеја негува и чува Фармата со магариња во Мартиниќи, во Општината Даниловград, каде што е отворен и Музејот на магариња, прв од таков вид во регионот.
Фармата со магариња е отворена во 2015 година и претставува вистинска атракција за сите посетители. За да ја потполнат понудата, домаќините и сопственици на фармата одлучиле да отворат Музеј на магариња.
Музејот го сочинуваат сите орудија кои се користени за работа, како што се самарот, плуговите и сето она што се ставало под товарот на влечата.
Дарко Савељиќ, сопственик на Фармата со магариња, во разговор за Anadolu Agency (AA) вели дека фармата досега ја посетиле повеќе од 56.000 посетители.
„Направивме центар за посетители кој функционира во рамките на фармата, тука е и Музејот на магариња. Тука се орудијата кои се користени со магарињата, тука се самарите... Имаме самар кој се користел во Втората светска војна. Ние тоа го нарекуваме Музеј на магариња, но кога магарињата би знаеле да говорат, ова би бил музеј на тортурата врз магарињата. Сите овие орудија што се користеле биле многу напорни за луѓето, а и за магарињата кои тоа го влечеле и носеле“, раскажува Савељиќ.
На отворањето на Музејот присуствуваа голем број пријатели на фармата, но и љубители на ова многу интелигентно животно.
„Фармата е многу популарна, не само во Црна Гора, туку и надвор, ја препорачуваат светските водичи, како една од 11-те дестинации кои туристите можат да ги видат во Подгорица и околу Подгорица. Имаме многу странци, па ни се чини дека со Музејот и Центарот за посетители ја обединуваме сета таа понуда“, истакнува Савељиќ.
- Во целата држава има околу 150 магариња
Она што овој музеј го чини поинаков во однос на останатите е начинот на плаќање на влезот. Имено, посетителите како влезница по лице носат килограм морков или јаболко, со што ги хранат магарињата.
„Сега има околу 40 магариња во фармата, но се оди на многу повисока бројка, поради една од целите на фармата, а тоа е заштита на магарињата од изумирање. Ги имаше илјадници во овој дел на државата, речиси да немаше куќа да нема магаре. Ја загубија битката со технолошката револуција, користат трактори и култиватори, луѓето отидоа од селата, така што магарето стана животно кое не служи за ништо. Тие од отворањето на фармата станаа еден од најзагрозените видови во Црна Гора. И понатаму се многу загрозени, бидејќи ги нема повеќе од 150 сосе нашата фарма. Доволно е да се каже дека кога ја започнав фармата, едно магаре, односно еден живот чинеше 25 евра, верувале или не. Денес не можете да го купите под 150 или 200 евра“, порача Савељиќ.
- Еден литар магарешко млеко 50 евра
На отворањето на Музејот на магариња гостите беа послужени со познатото магарешко млеко, кое е многу лековито.
„Магарешкото млеко е прилично здраво, посебно за заболувања на белите дробови, кашлица, бронхитис, астма. Во народот познатата магарешка кашлица исклучиво се лекува со магарешко млеко. Тоа е најскапото млеко на планетата. Многу е слично на човековото млеко и чини 50 евра по литар“, порачува Савељиќ.