Muhammed Emin Canik, Ethem Emre Özcan
16 Април 2026•Ажурирај: 16 Април 2026
За раселените Либанци, кои поради израелската окупација и постојаните напади се насилно оттргнати од своите огништа, преговорите што се водат под закрила на Вашингтон, не се само дипломатски протокол, туку последната нишка надеж. Тие не бараат само политички договори, туку копнеат по молкот на оружјето што ќе им го расчисти патот за повторно да го допрат прагот од своите домови и да ја почувствуваат својата земја под нозете, пренесува Анадолу.
Во крајбрежната област Равше во Бејрут, каде што раселените луѓе го поминуваат своето секојдневие во шатори, за дописникот на Анадолу ја раскажаа својата голгота.
- „Пред интересите на сите земји треба да дојде Либан” -
Хасан Јахја, кој побегнал од пограничното село Кефр Кила, денес живее во нехумани услови. „Сакаме властите да имаат малку совест и да помислат на интересот на Либан пред сè друго. Пред интересите на Америка, Иран или кој било друг во светот, треба да дојде Либан“, вели тој со горчина.
Јахја вели неизвесноста ги убива побрзо од гранатите. „Еден ден ни велат преговорите успеаја, сите ги пакуваме куферите за дома, а веќе следниот ден нè запираат и ни велат – нема прекин на огнот, враќајте се назад. Повторно почнаа со напади кон оваа убава земја и овие луѓе. Гревота е за овој народ кој со децении го влече подебелиот крај“, додава тој.
Укажувајќи на исклучително тешките животни услови, Јахја рече: Верувајте, овде, под ова небо, човекот нема каде ниту правот од себе да го измие. Сопствениот автомобил го користиме како бања, одиме по 300-400 метри за да стигнеме до туш, а таму гледате бескрајни редици. Во очајна состојба сме.“
- „Во нашата земја немаше поделби, христијани, Друзи, сунити и шиити, сите живеевме сложно” -
„Каде се оние што треба да бидат нашиот штит? Ниту државата, ниту пратениците, ниту министрите не се грижат за нас. Ако нивната намера е да нè видат како бегалци во сопствената држава, нека го кажат тоа гласно, бидејќи ние не бараме туѓо, туку сопствениот праг и парчето земја што нè родило”, вели Јахја.
Укажувајќи на тежината на разделбата од родниот крај, Јахја додаде: „За некој што живеел во место како Кефр Кила, да си заминеш оттаму, е како да ја гледаш сопствената душа како го напушта телото. Кај нас, христијани, Друзи, сунити и шиити, сите живеевме како сложни браќа.”
- „Вистински да сакаа решение за оваа ситуација, немаше да дојде до овој степен” -
Либанката Фатин е скептична за преговорите. „Ако навистина сакаа решение, немаше да дозволат работите да стигнат до овде. Зошто нè оставија да патиме 40 дена како бегалци ако планираа да преговараат? Сè беше јасно од почеток, сите карти беа отворени“, вели таа.
За Фатин, мапата на Либан стана мапа на урнатини и изгубени илузии. Нејзиниот пат од пограничната Хула до пренаселеното Дахије e само бегство од еден во друг пекол, за на крајот да остане под отворено небо.
„Веќе ниту на југот, ниту во Дахије, ниту во Бека нема ни дом, ни куќа. И да се вратиме, каде ќе се вратиме? Во домовите што се срамнети со земја? Каде изнајмен покрив над главата, кој само до вчера чинеше скромни 250 долари, преку ноќ се претвори во недостижен луксуз од 1.800 долари. Со која плата би го платила тоа?”, вели таа.
- „Преговори нека има, но нека има и правда за нас“ -
Еден Либанец, раселен од Небатије, со скептицизам гледа на тековните дипломатски напори. Тој смета дека преговорите би биле многу поплодни доколку се водат под закрила на Иран. „Ние немаме со што да ги притиснеме Израелците, но Иран во своите раце ги држи клучните карти. Нека се преговара, но и ние да имаме свои права. Дали наликува на живот ова, кога секоја секунда чекаш беспилотно летало да погоди некое момче, да ни се закануваат по селата, луѓето постојано да бегаат... Тоа не е живот, ние веќе одамна не живееме како што доликува на човек“, вели тoj.
- „Единствено што чекаме е враќање дома“ -
Мухамед Јасин, кој побегнал од пограничното место Хула, вели дека нивната најголема желба е да замолкне оружјето.
„Најважен е прекинот на огнот, за да можеме повторно да стапнеме на својата земја. Ние сме до самата линија на огнот. Нашата единствена надеж од сите овие мачни разговори е само една: да се вратиме во нашите села“, порачува Јасин.
Тој не ја крие и разочараноста од светот: „Устата им е полна со ’човекови права‘, но сè излезе една голема лага. Ова е век на посилниот, тоа е горката вистина. Година и пол нè убиваат, нè напаѓаат секој божји ден. Кој го крена гласот? Каде се Обединетите нации? Каде е човечноста? Сè се тоа само празни зборови“.
- „Ние само сакаме мир“ -
Либанецот Ахмед Хадад, кој рече дека посакуваат мир порача:
„Сакаме мир. Не сакаме никој да владее над нас; сакаме суверенитет во оваа земја. Не сакаме никој да нѐ контролира. Ги поддржуваме преговорите, решенијата и дијалогот. Но, насилството се пресретнува со насилство, а најдобриот начин е, секако, преговори.“