Gülşen Topçu, Salama Nabeel Eaid Younes
17 Април 2026•Ажурирај: 17 Април 2026
Шеснаесетгодишната Римас Делул, која две години не оди на училиште поради израелските напади врз Појасот Газа, решила таа празнина да ја пополни со возење скејтборд, екстремен спорт што за неа станува симбол на слободата, јавува Анадолу.
Деветчленото семејство Делул живее во населбата Зејтун. Како и илјадници други, таа помина низ пеколот на принудното раселување. Иако нејзиниот дом беше оштетен од ракети, тој сè уште стои, но во урнатините од војната, младата девојка загубила голем број роднини и драги пријатели.
Во Газа, каде што образованието веќе две години е оневозможено, за 785.000 деца, училишните ѕвона се само далечно сеќавање.
Во делот од светот каде што животот речиси замре, ова младо девојче најде спас во спортот. Скејтбордот, кој го добила како подарок за деветтиот роденден, денес е нејзино единствено средство за преживување на реалноста.
Почнала да оди на стадионот „Јермук“, каде што не само што се усовршувала туку почнала да ги учи и другите девојчиња, напредувајќи со желба да стане професионалец во скејтбординг.
- „Војната ја направи посилна и повеќе поврзана со спортот” -
Плашејќи се за нејзиниот живот на почетокот родителите не ѝ дозволувале да оди на стадионот, но нејзината упорност победила.
Иако нејзиниот тим се распаднал бидејќи многу пријатели побегнале кон југот, Римас не се откажала, вежбала дури и на покривот на оштетениот дом.
Делул раскажува дека пред нападите на Израел спортот го сметала само како хоби, играла фудбал и учествувала во трки.
Со сета загуба и разорувањата во изминатите две години, таа вели дека уште повеќе се врзала за спортот. Истакнувајќи дека нејзините пријатели и сите деца во регионот се психички скршени од присилните преселби, а многумина останале и без домовите, Делул вели: „Всушност, децата треба да одат во училиште, но бидејќи веќе ги нема училиштата, тие доаѓаат кај мене за да научат да возат скејтборд.“
- „Спортот им помага на децата да заборават на бомбардирањето” -
Нагласувајќи дека двегодишното отсуство од училишните клупи ѝ оставило огромна празнина во животот, Делул изрази желба да го заврши образованието, да добие стипендија за студирање надвор од Газа.
„Дури и да знаете дека ќе умрете, правете го она што го сакате. Работете до последниот миг. Овој спорт ни помогна да заборавиме на многу нешта. Додека си игравме со децата, заборававме на бомбардирањето“, вели Делул.
Спортот, во тој тесен простор меѓу урнатините, стана нивна единствена слобода, дозволувајќи им барем за миг повторно да се почувствуваат живи.