Ekipa
05 Февруари 2022•Ажурирај: 06 Февруари 2022
РАБАТ (АА) - Мароканските спасувачи се на помалку од три метри до спасување на 5-годишното дете заглавено веќе четврти ден во бунар во село во северниот дел на Мароко, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Мала карпа го одложи процесот на спасување на Рајан за три часа“, соопшти на прес-конференција Абдел-Хади ал-Тамрани, член на локалниот комитет за спасување.
„Беа потребни три часа работа за да се отстрани оваа карпа, бидејќи не беше можно да се пробие за да се спречи уривање на бунарот“, додаде тој.
Рајан во вторникот вечерта паднал во бунар длабок 32 метри пред неговата куќа во селото Игхран во северната мароканска покраина Шефшаун. Тој е заглавен во дупка премногу тесна за спасувачите да можат да стигнат до него. Оттогаш спасувачите очајно се борат да го извлечат безбедно од бунарот.
Започнати се и активности на хоризонтално ископување.
„Сè уште постои надеж дека тој ќе се одржи во живот и се надеваме дека следните неколку часа ќе донесат добри вести“, рече Ал-Тамрани.
Претходно денес, министерот за води, Низар Барака, рече дека властите ги искористиле сите можности за да го спасат Рајан, нагласувајќи дека стравувањата од лизгање на земјиштето ја искомплицирале спасувачката операција.
Медицинскиот персонал, меѓу кој и специјалисти за реанимација, се наоѓаат на местото на ископувањето за да се погрижат за детето откако биде извлечено, а хеликоптер е во готовност да го пренесе до најблиската болница.
На неговите родители им се придружија стотици мештани и други кои се собраа да ја следат операцијата за спасување.