Besar Ademi
22 Август 2016•Ажурирај: 23 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - По катастрофата предизвикана од поплавите на 6 август во неколку населби во близина на Скопје, турските организации по две недели и понатаму се присутни со цел да им помогнат на жителите погодени од поплавите. Сликите на Anadolu Agency (АA) покажуваат дека ситуацијата во овие села погодени од поплавите останува тешка. Речиси сите куќи се исчистени од кал, а материјалната штета се забележува во секоја соба од куќите, додека растурената опрема од домовите и отпадот сè уште стојат во дворовите на домовите.
Една од овие куќи е и куќата на 77-годишната, Вукосава Панчиќ, која живее сама, без сопруг и без деца. Таа за АА истакна дека до вчера живеела во кал, но благодарение на турската екипа која успеала да го исчисти нејзиниот дом, денес насмевката ѝ се враќа на нејзиното лице.
„Единствената помош беше од војската и соседите, кои успеаа да ја пренасочат водата од куќата, но калта остана внатре. Оние кои мене најмногу ми помогнаа се екипите од Турција, на кои немам зборови како да им се заблагодарам. Тие ми рекоа дека ќе дојдат, јас не им верував, но искрено дојдоа и работеа со посветеност. До вчера куќата беше во кал, да не беа Турците сè уште ќе живеев во кал, ќе полудев" вели Вукосава, додавајќи дека надлежните не сакале да ѝ помогнат.
Во меѓувреме, соседката на осамената 77-годишна жена, Билјана Колевска, рече дека овие 20 дена по поплавите бил најтешкиот период од нивниот живот.
„Во оваа куќа единствените кои помогнаа се припадниците на армијата, кои од дома ми ја извадија водата, но поминаа неколку дена и никој не дојде да ни помогне. Случајно поминав во седиштето на екипите од Турција, кои ветија дека ќе дојдат и ќе ми ја исчистат куќата. Утре наутро се изненадив кога ја видов екипата од Турција како ја чистеше куќата", рече Колевска.
Од друга страна, членот на Кризниот штаб, Џелал Ајдини, истакна дека од првиот ден по поплавите, помош во опрема, персонал и финансиски средства доаѓаат од сите страни, како одвнатре така и од странство. Тој рече дека постојат само мал број на куќи на кои досега не им била понудена соодветна помош.
„Помошта од Турција уште од првиот ден е присутна тука. Поточно, Турција повеќе помага со персонал, тие вршаат чистење според потребите. Некаде има потреба од 100 процентно чистење, некаде помалку, но тие секаде помагаа, бидејќи имаат најјаки и модерни машини за чистење“, рече Ајдини за АА.
Ајдини додаде дека Турција секогаш била присутна во поплавените населби, помагајќи со опрема, персонал, но и со храна и хигиенски средства. Тој рече дека помошта од Турција е поделена на два дела, таа од Истанбул во еден дел од поплавените населби, додека онаа од Бурса во другиот дел.
Како резултат на силното невреме во вечерните часови на 6 август, што предизвика поплави во неколку населби во околината на Скопје и голема штета на имотите, загинаа 22 лица, а 16-месечно дете и понатаму сењ води за исчезнато.