Elena Teslova
14 Декември 2019•Ажурирај: 16 Декември 2019
МОСКВА (АА) - ЕЛЕНА ТЕСЛОВА -
Најголемиот тематски парк во Европа ќе се отвори во рускиот главен град кон крајот на февруари.
Паркот во исто време ќе може да прими 20.000 луѓе. „Островот на соништата“ ќе претставува туристичка дестинација за семеен одмор.
„Проектот вреден 1,5 милијарди долари е изграден со најголемо учество на турскиот Ронeсанс холдинг“, изјави техничкиот директор на „Островот на соништата“, Иван Шол, за Агенцијата Анадолија (АА).
„Нашиот парк е најголемиот тематски парк во Русија и најголемиот парк од затворен тип во Европа. Нема такви паркови во Скандинавија, но можете да најдете сличен парк од затворен тип во Обединетите Арапски Емирати. Сите атракции се уникатни и се специјално изработени за Островот на соништата. Ние сме горди на сè што има тука“, рече Шол.
Паркот, изграден на островче во близина на центарот на Москва, е направен да личи на град со централна уличка која завршува со вртелешка и четири шеталишта, опкружени со пејсажен парк. Секое шеталиште изгледа како улица од четири светски града, со специфичен дизајн и архитектура, овозможувајќи лесна препознатливост според локацијата: Барселона, Беверли Хилс, Лондон и Рим.
„Генерално, тоа е вистински град само што насекаде е покриен со стаклен покрив бидејќи сакавме нашите гости да се чувствуваат пријатно при сите временски услови и сезони. Плоштадот од стакло е најголем во Европа, со површина од 8.600 квадратни метри. За тоа потрошивме многу пари“, рече Шол.
„Островот на соништата“ има осум зони кои претставуваат различни светови и прикажуваат различни познати херои: штрумфовите, нинџа-желките, Хелоу Кити, хотел „Трансилванија“, Могли во земјата на диносаурусите, Трка на соништата, Снежниот замок на кралицата и Волшебното село со куклен театар и куќа на хоророт.
„Хероите ги биравме долго време, баравме т.н. безвременски ликови што нема да бидат заборавени за пет години. Користевме скапи трајни градежни материјали, бидејќи ја немаме можноста да го обновуваме паркот. Така, ги избравме хероите кои се познати во Русија, кои живеат во препознатлив, светол и убав свет и од брендови кои продолжуваат со нивните анимирани серии“, рече Шол.
Според веб-страницата на „Островот на соништата“, влезот за возрасни ќе биде 50 долари, додека за деца 45 долари. Исто така, има и билет за побрз влез кон атракциите. Неговата цена е скоро двојно поголема, 90 долари, односно 85 долари. Влезниците ќе бидат достапни за купување преку интернет-страницата на паркот и во неговите места за резервации.
„Секоја зона има атракции, дизајнирани за различни возрасни категории, но генерално, „Островот на соништата“ е семеен парк, нема суперекстремни атракции, сите атракции се погодни за лица со височина од 120 сантиметри. Очекуваме дека повеќето од нашите гости ќе бидат од Русија, но паркот е интересен и за странските туристи“, вели Шол.
Тој нагласи дека креаторите на „Островот на соништата“ посветиле големо внимание на безбедноста, така што атракциите се произведени од европски компании, искусни во дизајнирање на забавни паркови и познати по високиот квалитет. Сè е направено во согласност со руските и меѓународните стандарди за безбедност.
Во моментов две компании ја разгледуваат сигурноста и безбедноста, руското Тело за сертификати и германскиот TUV SUD, кој е број еден во светот на полето на безбедносната инспекција.
„Штом заврши проверката и бидеме сигурни дека „Островот на соништата“ е апсолутно безбеден, ќе го отвориме за посетителите“, рече Шол.