????? ????
26 Ноември 2015•Ажурирај: 28 Ноември 2015
СКОПЈЕ (АА) - Денес во просториите на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците беа промовирани поштенските марки - 150 години од раѓањето на Ибрахим Темо и 275 години од раѓањето на Али паша Тепелена, јавува Anadolu Agency (AA).
По тој повод генералниот директор на Македонска пошта, Фаадис Реџепи изјави дека “Македонска пошта како компанија која ги почитува културните и историските вредности во Програмата за издавање на поштенски марки ги вклучи и поштенските марки кои ги промовираме денес, давајќи сопствен придонес на ликот и делото на овие двајца великани”.
Токму поради тоа, рече Реџепи, филателијата е многу повеќе од тоа да ставите поштенска марка на писмо или друга поштенска пратка, таа е израз и симобол на културата на еден народ.
Затоа, ми претставува особено задоволство што овие две поштенски марки што ги промовираме денес, ќе се најдат на безброј писма, картички, поштенски пратки, ќе патуваат низ светот и ќе бидат силна поврзувачка мисла која лесно ги премостува далечините.
Директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Асани, високо ја оцени соработката помеѓу двете институции, која според него резултираше со објавување на поштенски марки од историското и културното минато,додавајќи дека оваа соработка во исто време го рефлектира и културното наследство на Албанците во Македонија.
Поштенските марки се со номинална вредност од 16 односно 18 денари, испечатени се во тираж од по 8000 примероци, а автор е Лариса Живковска Донев од Бирото за филателија на Македонска пошта.