Mücahithan Avcıoğlu
19 Јуни 2026•Ажурирано: 19 Јуни 2026
Турскиот министер за трговија, Омер Болат, денес изјави дека Турција и Германија разговарале за начините за продлабочување на економската соработка за време на состанокот на високо ниво во Анкара, јавува Анадолу.
Болат оствари средба со германската федерална министерка за економски прашања и енергетика, Катерина Рајхе, во рамките на 6. Состанок на Заедничката економска и трговска комисија на Турција и Германија, ЏЕТКО (JETCO).
„Разговорите ги опфатија трговијата, инвестициите, индустриската соработка, енергетската транзиција, зелената и дигитална трансформација, транспортот, поврзаноста и потенцијалната соработка во трети земји“, соопшти Болат преку турската платформа за социјални медиуми „NSosyal“.
Двете страни разменија мислења и за обнова на Царинската унија Турција-ЕУ, олеснување на визните процедури, европските индустриски политики и поизразената улога на Турција во европските вредносни синџири во рамките на пристапот „Произведено во ЕУ“ (Made in EU).
Болат рече дека Турција и Германија го делат ставот дека нивната силна економска интеграција е стратегиски важна за конкурентноста на Европа и издржливоста на глобалните синџири на снабдување.
„На состанокот, исто така, е потврдена волјата на двете земји да го подигнат своето долгогодишно партнерство на повисоко ниво во согласност со потребите на новата ера“, додаде тој.
Според Болат, Германија е најголемиот трговски партнер на Турција, со обем на трговска размена што надминува 52 милијарди долари.
Пред посетата на Рајхе, германското Министерство за економија и енергетика соопшти дека главниот фокус ќе биде германско-турското економско и енергетско партнерство, вклучително и ЏЕТКО и Германско-турскиот енергетски форум.