Deniz Çiçek Palabıyık, Erhan Cihan Ünal
02 Септември 2021•Ажурирај: 03 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Турција во текот на изминатиот август оствари извоз во вредност од 18,9 милијарди долари, што е за 52 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за трговија на Турција, Мехмет Муш, се сретна со членовите на Собранието на извозници на Турција, а по средбата посочи дека земјата и минатиот месец го продолжила силниот замав на растот на извозот кој се бележи од почетокот на годината.
„Со задоволство можам да кажам дека постигнавме рекорден августовски извоз. Покрај тоа, во изминатите 12 месеци постигнавме извоз во вредност од 207,5 милијарди долари, што е рекорден извоз во тој период во историјата на Републиката“, изјави Муш.
Турскиот министер Муш, исто така, рече дека е сосема сигурно дека планираниот годишен извоз од 210 милијарди долари ќе се реализира до крајот на 2021 година.
„Во првите осум месеци од оваа година, постигнавме извоз од 140,2 милијарди долари, што е за 37 отсто повеќе од извозот во истиот период минатата година, но и 20 отсто повеќе отколку во првите осум месеци од 2019 година“, нагласи Муш.
Тој рече дека во август Турција остварила и увоз вреден 23,2 милијарди долари, што е за 23,8 отсто повеќе отколку истиот месец минатата година. Вкупниот осуммесечен увоз на Турција оваа година е 170 милијарди долари, што е за 25,5 отсто повеќе од ланските податоци.