Gamze Türkoğlu Oğuz
06 Декември 2018•Ажурирај: 07 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Приведувањето на Менг Ванжу во Канада, ќерката на сопственикот на кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“ (Huawei), истовремено и финансова директорка на компанијата, поради пробивање на санкциите што Вашингтон ги воведе кон Иран, се смета дека претставува фитил на нови тензии во трговската војна што во последниот период се води меѓу САД и Кина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Тврдејќи дека компанијата „Хуавеј“ испратила производи од американско потекло во Иран, САД подигнаа истрага во Њујорк, под обвинение за „недефинирани обвинувања“, со барање да биде испорачана за спроведување судска постапка.
Приведувањето на Менг се опишува како настан кој привлекува внимание, бидејќи се случува кусо време по постигнатиот договор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Ѓинпинг на Самитот на Г-20 во Аргенитина, според кој „нема да има нови царински давачки меѓу двете земји во наредните 90 дена“.
- „САД испраќаат порака, земајќи го „Хуавеј“ како цел“ -
Органот за медиуми на Кинеската комунистичка партија „Глобал тајмс“ (Global Times) напиша дека САД, земајќи го „Хуавеј“ како цел, испраќаат порака до меѓународната јавност. Во веста се наведува дека САД се обиделе да ѝ нанесат штета на меѓународната репутација на компанијата, коментирајќи дека во име на правото, за цел го имаат глобалниот пазар на технолошкиот гигант.
Додека портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гинг Шуанг, од САД и Канада побара разјаснување за причините за приведувањето на Менг, и итно нејзино ослободување, „Хуавеј“ објави дека во периодот кога Менг го менувала авионот во Канада, од Њујорк пристигнало барање за нејзино приведување во име на САД, под образложение за соочување врз основа на „недефинирани обвинувања“.
- „„Хуавеј“ дејствува во согласност со законите и прописите“ -
Во соопштението на „Хуавеј“ се истакнува дека компанијата секогаш се однесува во согласност со законите и прописите на земјите во кои покажува активности, притоа вклучувајќи ги тука и санкциите и извозните контроли што ги спроведуваат Обединетите нации (ОН), Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ). „На компанијата ѝ се дадени многу малку информации во врска со обвинувањата. Воопшто не сме информирани за каква било грешка на Менг“, се вели во соопштението.
Компанијата истакна надеж дека на крајот правните системи на САД и Канада ќе доведат до праведна завршница.
Портпаролот на американското Министерство за правда не даде никаква изјава во врска со случајот.
Министерството за правда на Канада објави дека Менг Ванжу, ќерката на сопственикот на кинеската технолошка компанија „Хуавеј“, истовремено и финансова директорка на компанијата, под обвинение дека се прекршени американските санкции воведени кон Иран, на 1 декември е приведена на аеродромот во Ванкувер.
Менг е приведена на барање на американската администрација, а на 7 декември (петок) ќе биде изведена пред суд.
Министерството за правда на САД, под обвинение дека ги прекршува американските санкции што САД ги воведоа кон Иран, во април започна истрага против кинескиот производител на смарт-телефони и телекомуникациски гигант „Хуавеј“.
По објавувањето на веста за приведување, азиската берза денот го започна со големи загуби, што е показател дека треба да се очекува сериозен пад на индексите на американските акции.