Abdula Berısha
31 Јануари 2020•Ажурирај: 01 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Владина делегација предводена од вицепремиерката задолжена за економски прашања во техничката Влада на Северна Македонија, Мила Царовска, оствари работна средба со претставници од компаниите членки на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, јавува Aгенција Анадолија (AA).
Заедно со вицепремиерката Царовска беа и министрите за странски инвестиции Зорица Апостолска, Бардуљ Даути и Елвин Хасан, како и директори и претставници на други државни органи.
Во изјава за медиумите пред почетокот на средбата, Царовска рече дека ќе се разговара за предлозите на инвеститорите за унапредување на економијата и бизнис-климата.
„Ние како Влада ги анализиравме сите предлози доставени од Советот на странски инвеститори, направивме пресеци. Денеска токму на овој состанок ќе дискутираме кои се оние коишто досега се реализирани, што останува пред нас како предизвик, секако пред тие да ја публикуваат нивната 'Бела книга' за 2019 година“, рече Царовска.
Зборувајќи за „Белата книга“, претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер, рече дека во неа се предложени решенија за проблемите со кои се соочуваат инвеститорите.
Тој посочи дека состанокот со владините претставници се одржува во вистинско време, додавајќи дека стопанството треба да продолжи да работи без оглед што земјата се наоѓа пред предвремени парламентарни избори.
„Ги повикувам сите мои колеги, генералните директори на компаниите, домашни и странски, ги поттикнувам да ги донесат одлуките, да не ги одлагаат и да не ги чекаат изборите и изборните резултати, туку да ги постават нивните цели сега и да дејствуваат според нив“, рече Петер.
Потсетуваме дека предвремените парламентарни избори во Северна Македонија се предвидени да се одржат на 12 април, а според уставните одредби, Собранието треба да се распушти 60 дена пред денот на одржување на изборите.