Admir Fazlagic
09 Мај 2017•Ажурирај: 10 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Скопје се одржува советување на темата „Реорганизација на должникот во стечајна постапка“, во рамките на проектот „Зајакнување на административните капацитети за имплементација на законската рамка за стечај и ликвидација на трговските друштва“, на кое присуствуваше министерот за економија, Дритон Кучи, претставници од Министерството за економија и учесници во спомнатиот проект финансиран од ЕУ, кој има за цел да ја подобри ефикасноста во остварувањето на правата на доверителите и на должниците во стечајната постапка, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Кучи во своето обраќање истакна дека од страна на Министерството за економија, редовно и со големо внимание се следат тековните советувања и тркалезните маси посветени на оваа тема, на кои претставници на релевантните институции дебатираат за примена на постојната законска регулатива и за законската рамка којашто е создадена пред една деценија, како и за измените и дополнувањата направени во 2014 година.
- „Со имплементација на европските директиви до подобрување на законската рамка за стечај“
Тој посочи дека усогласувањето со европската легислатива бара и постојано проширување на знаењата на ликвидаторите за подобрување во дејствувањето, а особено на стечајните управници. Паралелно со ова, според министерот Кучи, треба да се реализира и предвиденото зајакнување на кацапитетите на Министерството за економија преку создавање сектор за стечај со две одделенија, со што ќе се придонесе за поефикасно извршување на законските решенија.
„Крајната цел на пректот е да придонесе за ефикасно остварување на правата, и на доверителите и на должниците, но и на обврските што произлегуваат од ликвидацијата и од стечајната постапка. Со тоа се очекува да се зголеми и свеста за значењето на раното предупредување за важноста на навремено започнување на процесите во реструктурирањето, без оглед дали станува збор за претстечаен период или тековна постапка. Во земјите на ЕУ, санацијата станува сѐ позначајна, а различните модели се со единствена цел – надминување на инсолвентноста и спасување на иднината на компанијата“, истакна министерот Кучи.
Тој смета дека раното предупредување, санацијата, реструктурирањето треба да претставуваат можност за Македонија, и за превентивно дејствување и спас од инсолвентноста за трговските друштва и во земјава.
Министерот Кучи изрази уверување дека од овој проект што се реализира во рамките на Министерството за економија, придобивка ќе има целото стопанство, а следењето на европските текови ќе резултира со ново законско решение коешто ќе биде одговор на потребите и условите во македонската економија.
Тим лидерот на проектот за „Зајакнување на административните капацитети за имплементација на законската рамка за стечај и ликвидација на трговските друштва“, Красин Димитров, рече дека во рамките на проектот е направена анализа за деловите што треба да бидат изменети и дополнети со цел да се подобри Законот за степчајната постапка.
Како што рече, предлогот за подобрување се однесува на електронскиот избор на стечајни управници, имплементацијата на најновите директиви за реорганизација на должниците, со цел фирмите да не пропаѓаат и да не се губат работните места.
„Наш предлог е активна обука за имплементација на законот, затоа што стечајните управници немаат доволно знаење како да направат бизнис план и како да се направи реорганизација“, рече Димитров, кој информираше дека околу 800 компании во моментот се во стечај, но како што рече, поради бришење на неактивни субјекти и додадени се уште околу илјада нови компании кои не се активни и кои имаат финансиски обврски и задолженија кон Управата за јавни приходи.