Admir Fazlagic
25 Август 2017•Ажурирај: 26 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Анализата на доходовна нееднаквост што денеска првпат ја објави Министерството за финансии на Република Македонија покажува дека земјата има висока стапка на нееднаквост меѓу граѓаните по основ на доход и постои тенденција на нејзин раст, пренесува Anadolu Agency (AA).
Податоците од анализата што беа објавени од страна на Министерството за финансии покажуваат дека постои голема разлика во месечниот доход, односно ако во 2016 година просечниот личен доход изнесувал 302 евра месечно, најбогатите 1 процент во Македонија имале просечниот доход од околу 4.200 евра месечно.
„Педесет проценти од луѓето во Македонија што остваруваат доход имаат доход што е под 212 евра месечно, 70 проценти имаат доход што е под 297 евра месечно, 90 проценти имаат доход што е под 495 евра месечно, а од друга страна 2 проценти од луѓето имаат доход што е над 1.044 евра, а еден процент од луѓето имаат доход што е над 1.523 евра", изјави Бранимир Јовановиќ, советник во Министерство за финансии.
Јовановиќ посочи оти највисокиот доход што е остварен во 2016 година изнесувал 2,6 милиони евра, а 15 лица оствариле доход над еден милион евра. Доход над 500 илјади евра минатата година имале 66 лица, над 200 илјади лица доход оствариле 283 лица, а 775 лица имале доход од над 100 илјади евра.

Меѓудругото, за високата доходовна нееднаквост, според него, укажува и податокот дека 775-те лица кои имале над 100 илјади евра доход заедно оствариле доход од 190 милиони евра што е еднакво на вкупниот остварен доход на 210 илјади лица кои имале најниски приходи.
Исто така, Јовановиќ посочи дека податоците укажуваат дека се потребни суштински промени во одредени економски политики пред се зголемување на минималната плата и донесување на законот за стечајни работници, како и менување на даночната политика.
Министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната прес конференција истакна дека направената анализа е особено важна бидејќи од една страна без веродостојни податоци не може да се креираат нови економски и социјални политики, а од друга страна се создава притисок да се работи на намалување на неедаквоста на доход. Министерот најави дека се подготвува даночна реформа и оти првите предлози се очекуваат до крајот на годината.
„Подготвуваме даночна реформа, а за нејзиниот успех е важно да бидат согледани сите важни прашања и да биде опфатен и институциналниот капацитет бидејќи тоа е сериозно прашање. До крајот на годинава ќе излеземе со нашите предлози за даночна реформа", рече Тевдовски.
Како што информираа од Министерството за финансии, со анализата се опфатени околу 90 проценти од граѓаните кои оставруваат доход или 940 илјади лица.