Övünç Kutlu
22 Декември 2021•Ажурирај: 23 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Турската лира се движи кон нивото на кое може да го најде својот вистински баланс, изјави во вторникот министерот за финансии и трезор, Нуредин Небати, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние имаме силен економски модел. Основата на нашиот модел е висок раст и низок дефицит на тековната сметка“, рече тој во интервју за телевизискиот канал на ТРТ Хабер.
„Турција ќе ја искористи оваа историска можност. Ние ќе го решиме проблемот со дефицитот на тековната сметка преку постигнување на макроекономска стабилност и зголемување на производството и извозот“, рече тој.
За високите флуктуации во девизниот курс забележани изминатите недели, Небати рече: „Макроекономските показатели на Турција немаат начин да ја донесат вредноста на американскиот долар во однос на турската лира толку високо. Турската лира се движи кон нивото на кое ќе го најде својот вистински баланс.“
Коментарите на Небати дојдоа неколку часа откако Министерството за финансии и трезор ја објави новата мерка со која Турција ќе ги компензира депонентите на лири за флуктациите на странската валута, истовремено охрабрувајќи ги граѓаните кон средствата засновани на турската лира.
Според Министерството, доколку добивката остане под курсната разлика помеѓу отворањето на сметката и датумите на доспевање, и покрај заработената камата, трезорот ќе го надомести депонентот. Новата алатка за депозити во турски лири заштитени со девизниот курс ќе биде достапна за физичките лица кои имаат депозитна сметка во лири со рок на достасување од 3, 6, 9 или 12 месеци.
„Министерството за финансии и трезор со денови работеше со Централната банка, проучувајќи различни сценарија. Дури и во најлошото сценарио, физичките лица ќе бидат во подобра ситуација од претходно“, рече тој.
Небати рече дека турската Влада нема никогаш да отстапи од својата фискална политика, ќе создава транспарентни економски политики и ќе преземе макроекономски мерки кои ќе овозможат поголема претпазливост.
Тој нагласи дека турската економија ја има способноста брзо да закрепне од шокови и дека тоа му го докажа на светот неколкупати во минатото.
Министерот, исто така, рече дека Владата ќе го поедностави данокот на додадена вредност и ќе го забрза процесот за даночните пријави.