Zülfiya Yakup
06 Септември 2019•Ажурирај: 08 Септември 2019
ПРИШТИНА (AA) - Северна Македонија и Косово денеска во Приштина потпишаа Меморандум за разбирање во областа на регистрацијата на бизниси, јавува Anadolu Agency (AA).
Меморандумот го потпишаа претставниците на Централниот регистар на Северна Македонија и косовската Агенција за регистрација на бизниси, а на заедничката прес-конференција е нагласено дека со новиот електронски систем сите претпријатија добиле единствен број.
Директорката на Центарлниот регистар на Северна Македонија, Марија Бошковска, истакна дека е стратешки важно да се воспостават регистри на вистинските сопственици на правните лица, со што овие две институции би се придружиле во борбата против перењето пари и финансирање тероризам.
„Имајќи в предвид дека во Центаралниот регистар на Република Северна Македонија функционираат повеќе регистри, главната алка на работата на нашата институција е точноста на податоците и брза услуга кон граѓаните и другите баратели на информации, поради тоа сме рангирани високо во светски рамки. Како институција секогаш се трудиме да ги примениме најдобрите меѓународни практики и стандарди“, рече Бошковска.
Директорката на косовската Агенција за регистрација на бизниси, Неџмие Селими, во таа пригода рече дека целта на овој Меморандум е да се оствари полна соработка помеѓу двете земји на промовирање и подобрување на иновациите и на зајакнување на регистарот на претпријатијата.
„Со овој меморандум за разбирање се стремиме кон соработка на двете земји, бидејќи потребно е да се промовираат и подобрат иновациите и да се зајакнат нашите системи на регистрација на претпријатијата за да се гарантира и правилно да се управува, како и да се заштити и користи правото на регистрација на претпријатијата“, рече Селими.
Косовската Агенција за регистрација на бизниси во месец јуни оваа година потпиша ист Меморандум и со Албанија.