Bayram Altuğ
23 Јануари 2018•Ажурирај: 24 Јануари 2018
ДАВОС (АА) - Со зајакнати безбедносни мерки во швајцарскиот град Давос денес започна 48. Светски економски форум (WEF), јавува Anadolu Agency (AA).
Главна тема на овогодишниот Форум во Давос е „Креирање на заедничка иднина во светот кој се дели“. Глобалните економски и безбедносни теми ќе доминираат за време на форумот.
На почетокот на форумот најмногу внимание привлекуваат строгите безбедносни мерки кои организаторите ги презедоа. Полициските хеликоптери го надгледуваат швајцарското место на Алпите, а на пат до тоа место швајцарската војска и полиција поставија неколку контролни пунктови.
Шефот на полицијата во кантонот Граубунде, Валтер Шлеге, изјави дека 4.400 војници и помагаат на полицијата во безбендосните мерки. Тој додаде и дека ќе дојдат и околу 600 војници од Лихтенштајн.
Шлеге исто така, изјави дека последниот ден од форумот се очекува доаѓање на американскиот претседател Доналд Трамп, и дека за таа прилика ќе бидат преземени додатни безбедносни мерки во кои ќе бидат вклучени и американските тајни служби.
Паралелно со тоа, Федералниот совет на Швајцарија, нареди на војската да го урне секој авион кој ќе ја прекрши забраната за летање над регионот каде се наоѓа Давос.
Неколку невладини организации во Швајцарија покренаа кампања на социјалните мрежи против доаѓањето на американскиот претседател Трамп.
Учество на форумот во Давос најавија и францускиот претседател Емануел Макрон, претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, британската премиерка Тереза Меј, германската канцеларка Ангела Меркел, премиерот на Индија Нарендра Моди, шефот на канадската влада Џастин Трудо, заменик премиерот на Турција Мехмет Шимек и голем број на други официјални лица од 70 земји.
Исто така, од Владата на Република Македонија информираа дека премиерот Зоран Заев, од 24 до 26 јануари, ќе учествува на годинашниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија.