Senada Ibraimova
21 Март 2017•Ажурирај: 22 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес на Скопскиот саем се отвори 43. Меѓународен саем за мебел, опрема за домаќинства и јавни објекти, репроматеријали и машини за индустријата на мебел. Саемот за мебел ќе биде отворен до 26. март, јавува Anadolu Agency (AA).
На саемот учествуваат над 400 фирми од Македонија, Србија, Хрватска, Грција, Италија, Босна и Херцеговина и од Словенија, а нивните производи се изложени во вкупно 11 хали со мебел и опрема за домаќинства, а една хала е наменета за машини и репроматеријали за индустријата за производство на мебел.
Дел од претставниците на компаниите за мебел сметаат дека и покрај лошата политичка и економска состојба во државата, ќе успеат да го реализираат и да го остварат минатогодишниот промет. Тие велат дека на овој саем на посетителите им нудат различни производи, односно производи со најниска цена, како и производи со највисока цена, а во однос на цената, се менува и квалитетот на производот.
На саемот, претставниците на компаниите имаат можност да се сретнат и да разменуваат мислења и идеи за оваа индустрија.
Саемот ќе биде отворен секој ден од 10 до 20 часот. Цената на влезницата е 100 денари за индивидуални, а 50 денари за групни посети и за студенти.
Овој саем секоја година има над 50.000 посетители, а годинава освен изложувачи на мебел, учествуваат и повеќе банки и осигурителни компании, кои на посетителите им ги нудат поволностите за кредитирање и осигурување на своите домови.