Ata Ufuk Şeker
14 Декември 2022•Ажурирај: 20 Декември 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) и нејзините земји членки ќе обезбедат поддршка од вкупно 307 милијарди евра за земјоделството во периодот од 2023 до 2027 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Европската комисија соопшти дека новата Заедничка политика за земјоделството ќе стапи во сила на 1 јануари 2023 година.
Во соопштението се вели дека Комисијата ги одобрила стратешките планови за земјоделството на сите земји членки.
„Финансирањето на ЕУ од вкупно 264 милијарди евра ќе им дава поддршка на европските земјоделци во процесот на преминување на одржлив и стабилен земјоделски сектор“, се наведува во соопштението.
Во соопштението се истакнува дека исто и земјите членки на ЕУ ќе учествуваат со кофинансирање и поддршка за земјоделството, со што вкупниот јавен буџет обезбеден за земјоделците и на руралните заедници ќе изнесува 307 милијарди евра.
Според соопштението, во овие рамки ќе се обезбеди специјална поддршка и за младите земјоделци, додека новата политика за земјоделство која ќе стапи во сила во 2023 година, има за цел зајакнување на биодиверзитетот.
Инаку, околу една третина од вкупниот буџет на ЕУ е наменет за политики за земјоделството и за различна поддршка на овој сектор.