Ekipa
18 Септември 2022•Ажурирај: 19 Септември 2022
БРИСЕЛ (АА) – За првпат Европската комисија денес предложи да се суспендираат околу 7,5 милијарди евра од фондовите на Европската Унија наменети за Унгарија поради корупција и прекршување на владеењето на правото, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Комисијата предлага прекинување на 65 отсто од обврските за три оперативни програми во рамките на политиката за кохезија, во износ од 7,5 милијарди евра што е над 1/3 од пакетот за кохезија за Унгарија“, изјави еврокомесарот за буџет и администрација, Јоханес Хан, за новинарите на прес-конференција.
Најавата доаѓа по три дена откако Европскиот парламент објави дека Унгарија повеќе не е целосна демократија.
Хан се обрати по состанокот на еврокомесарите што вонредно се одржа денес поради напорната меѓународна агенда следната недела.
27-члениот Блок ги презеде овие мерки во рамките на својот механизам за исполнување услови наменет за заштита на финансиските интереси на буџетот на ЕУ од демократските уназадувања.
Хан нагласи дека Европската комисија ги прифатила нацрт-мерките и законите што Будимпешта ги предложи откако извршното тело на ЕУ го активира механизмот во април, но тие прво треба да бидат усвоени и имплементирани.
Тој додаде дека Европската комисија „не може да заклучи дека буџетот на ЕУ е доволно заштитен“ во моментов.
Објасни дека има „систематски неправилности и недостатоци“ во јавните набавки, недоследности „во ефективното спроведување на истрагите и судското гонење“ при решавање на загриженоста при конфликтот на интереси во однос на јавноста и недостатоци во антикорупциската рамка на државата.
„Поради тоа, извршното тело на ЕУ препорачува суспендирање на 65 отсто од обврските за оперативните програми за заштита на животната средина, транспортот и урбаниот развој на политиката за кохезија на ЕУ“, рече еврокомесарот.
Советот на ЕУ, кој ги претставува земјите членки на ЕУ, сега има еден месец, со можно продолжување за дополнителни 60 дена, да одлучи за предлогот.
Во меѓувреме, Европската комисија ќе го следи развојот на случувањата во Унгарија и ќе ја објави својата оценка до 19 ноември.
Предложеното намалување изнесува околу 5 отсто од унгарскиот БДП.
Регулативата за механизмот за условеност беше одобрена во 2020 година паралелно со усвојувањето на буџетот за 2021-2027 година.
Унгарија и Полска, кои се во долгогодишен конфликт со институциите на ЕУ поради демократското назадување, го оспорија актот пред Европскиот суд на правдата, но тоа беше одбиено во февруари.
Судот истакна дека „здравото финансиско управување со буџетот на ЕУ“ може сериозно да биде компромитирано со прекршување на владеењето на правото.