Gülşen Çağatay
29 Јули 2022•Ажурирај: 30 Јули 2022
АНКАРА (АА) -- Глобалната потрошувачка на јаглен оваа година ќе се зголеми до рекордното високо ниво кое го достигна пред околу една деценија, според извештајот на Меѓународната агенција за енергија (IEA), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според ажурирањето на ИЕА на пазарот на јаглен - јули 2022., потрошувачката на јаглен во Европската Унија (ЕУ) се очекува да се зголеми за 7 проценти во 2022 година, наспроти минатогодишниот скок од 14 проценти.
Агенцијата за енергија, врз основа на моменталните економски и пазарни трендови предвидува дека потрошувачката на јагленот на глобално ниво ќе се зголеми за 0,7 проценти во 2022 година на 8 милијарди тони, под претпоставка дека кинеската економија ќе закрепне како што се очекува во втората половина од годината.
Според извештајот, Кина и Индија заедно трошат двојно повеќе количество јаглен од остатокот од светот, при што само Кина сочинува повеќе од половина од светската побарувачка.
„Овој глобален вкупен износ би одговарал на годишниот рекорд во 2013 година, а побарувачката на јаглен веројатно ќе се зголеми дополнително наредната година до највисоко ниво на сите времиња“, се истакнува во извештајот.
Светската потрошувачка на јаглен се зголеми за околу 6 проценти во 2021 година бидејќи глобалната економија брзо закрепна од почетниот шок на пандемијата на Ковид-19.
За многу земји јагленот останува клучно гориво за производство на електрична енергија и низа индустриски процеси, иако согорувањето на големи количества јаглен ја зголемува загриженоста за климата, бидејќи јагленот е најголемиот извор на емисии на јаглероден диоксид (CO2).
Агенцијата за енергија објави дека зголемувањето на потрошувачката во ЕУ е поради побарувачката од секторот за електрична енергија во кој јагленот сѐ повеќе се употребува како замена за гасот, кој е во недостиг и се соочува со високи зголемувања на цени поради инвазијата на Русија во Украина во февруари.