Husamedin Gina
10 Март 2020•Ажурирај: 11 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) – Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИЦ), асоцијацијата на стопанските комори од регионот на Западен Балкан, денеска одржа седница во Стопанската комора на Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во однос на прашањата за кои се разговарало на Управниот одбор, изјава за медиумите даде Бранко Азески, заменик-претседател на КИФ и претседател на Стопанската комора на Македонија.
Истакнувајќи дека владите од Западен Балкан целосно стојат зад Коморскиот инвестициски форум, Азески рече дека разговарале за подобрување на состојбите во движењето на стоките и услугите на Балканот, проблем кој со години се влече наназад.
Азески потенцираше дека стопанските комори од Западен Балкан имаат волја да се соочат и со најкрупните проблеми.
„И таму каде што ќе има политички проблеми ние ќе ги продолжиме нашите активности, тоа ќе го правиме со упорност, со еден професионализам којшто е познат и којшто и досега сме го имале. Ние сме свесни дека такви проблеми меѓу шесте земји постојат“, нагласи Азески, кој како пример ги посочи прашањата за регулирање на економските односи помеѓу државите наследници на бивша Југославија.
Азески исто така истакна дека за решавање на проблемите со кои се соочува бизнисот денес, донесена е одлука за формирање на Деловен совет, каде што ќе членуваат претставници на најуспешните компании од сите земји на Западен Балкан.
Одговарајќи на прашањето колку коронавирусот Ковид-19 влијае на бизнис-секторот, Азески рече дека тоа има многу сериозно влијание и дека може да доведе до парализа на целокупната економија.
Берат Рукичи, претседател на Стопанската комора на Косово, на денешната прес-конференција од новата Влада на Северна Македонија, која треба да се формира по парламентарните избори на 12 април, побара што побргу да го изградат Автопатот Скопје – Блаце, кој е со должина од 12 километри.
На седница на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) присуствуваа Марко Чадеж, претседател на КИФ и претседател на Стопанската комора на Србија; Бранко Азески, заменик-претседател на КИФ и претседател на Стопанската комора на Македонија; Властимир Голубовиќ, претседател на Стопанската комора на Црна Гора; Берат Рукичи, претседател на Стопанската комора на Косово; Нихад Бајрамовиќ, генерален секретар на Комората за надворешна трговија на Босна и Херцеговина и Сафет Ѓергалиу, генерален секретар на КИФ.