економија

Анита Ангеловска-Бежоска ја презеде функцијата гувернер на НБРМ

„Пред мене стои предизвикот за продолжување на спроведувањето успешна и независна монетарна политика во насока на остварување на законски гарантираните цели на Централната банка, а тоа е ценовната стабилност“, истакна Ангеловска-Бежоска.

Bekim Laci  | 22.05.2018 - Обновена : 23.05.2018
Анита Ангеловска-Бежоска ја презеде функцијата гувернер на НБРМ (Foto: Bekim Laci/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Анита Ангеловска-Бежоска стана прва жена-гувернер на Народна банка на Република Македонија (НБРМ). На денешната свечена церемонија на примопредавањето на должноста, досегашниот гувернер Димитар Богов ѝ ја предаде функцијата на Ангеловска-Бежоска, која вчера ја доби довербата на парламентарното мнозинство, јавува Anadolu Agency (AA).

Досегашниот гувернер на НБРМ, Димитар Богов, на денешната прес-конференција се осврна на сработеното пред да замине од оваа функција, и истакна дека Народната банка е една од ретките институции на која со закон детално ѝ се одредени целите, чија реализација може да се мери.

Богов нагласи дека главната цел на Народната банка е достигнување и заштита на ценовната стабилност, што во случајот со Македонија е направена преку стабилноста на денарот со еврото, како и со придонесот за стабилниот финансиски систем, преку заштитата на еден стабилен банкарски систем, насочен кон конкурентноста и конкуренцијата на пазарот.

„Денарот воопшто не изгуби од конкурентноста во однос на еврото, односно, во овој период немавме некоја апрецијација на денарот, токму поради тоа што инфлацијата се одржуваше на слично ниво, како и во еврозоната. Финансиската стабилност е, исто така, целосно одржана и банкарскиот сектор којшто е водешки сегмент во нашиот финансиски сектор успешно се развиваше и растеше во овој период“, нагласи Богов.

Тој додаде дека за изминатите седум години беше остварен раст на вкупната актива на банките, депозитите и кредитите од околу 50 проценти.

Меѓу другото, Богов посочи дека НБРМ успешно се соочи со два силни удари, должничката криза на Грција во 2015 година, и шпекулативниот напад врз монетарната стабилност во април и мај 2016 година.

Анита Ангеловска-Бежоска, во нејзината прва изјава за медиумите, упати благодарност до поранешниот гувернер Богов, и додаде дека таа била дел од неговата екипа во времето кога институцијата поминувала низ тешки моменти во кои, и покрај тоа, била овозможена макроекономската стабилност.

„Пред мене стои предизвикот за продолжување на спроведувањето успешна и независна монетарна политика во насока на остварување на законски гарантираните цели на Централната банка, а тоа се ценовната стабилност за која сметаме дека е најдобриот придонес којшто може да го даде во општеството и тоа преку страгетијата на одржување стабилен девизен курс на денарот, одржување на банкарската стабилност, стабилноста на банкарскиот систем, а преку тоа директно давајќи придонес за целокупната финансиска стабилност во нашата економија и дополнително поддржување на општите економски политики во нашата економија“, истакна таа.

Анита Ангеловска-Бежоска беше предлог на претседателот Ѓорѓе Иванов, чија кандидатура ја поддржаа 81 пратеник.

На функцијата гувернер доаѓа од редовите на професионални и менаџерски структури на Народната банка, а според претседателот, таа ќе овозможи продолжување на позитивната работа и успешниот развој на монетарната политика на Република Македонија.

Анита Ангеловска-Бежоска има 19-годишно работно искуство, пред сè во областа на монетарната политика, макроекономската политика, фискалната политика и во менаџирањето на јавните финансии.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.