Bahattin Gönültaş
28 Јуни 2019•Ажурирај: 30 Јуни 2019
ОСАКА (АА) - Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, истакнувајќи дека трговските односи помеѓу САД и Кина, двете најголеми економии во светот, се „тешки“, рече: „Тоа предизвикува забавување на светската економија“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јункер одржа прес-конференција заедно со претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, на Самитот на лидерите на Г-20 во Осака, Јапонија.
Јункер, нагласувајќи дека ЕУ блиску соработува со Кина и САД за реформата на Светската трговска организација (СТО), рече дека се обидуваат да ја балансираат глобалната трговија.
Наведувајќи дека трговските односи меѓу Кина и САД се „тешки“, Јункер рече: „Тоа предизвикува забавување на глобалната економија. На моите состаноци со американските и кинеските власти, го нагласив штетниот ефект на ова спорно прашање.“
Како земја која претседава со Групата 20, Јапонија подготви програма во која се нагласени следните теми: Економски раст, Квалитетна инфраструктура, Борба против корупција, Развој, Вработување, Дигитална економија, Здравство и Земјоделство. Во програмата на Г-20 за 2019 година се сместени и темите „Ефикасност на ресурсите“ и „Морски пластичен отпад“.
Планирано е на овогодишниот Самит фокусот да биде ставен и на борбата против климатските промени.
Самитот Г-20 е форум на владите и централните банки на 20-те водечки економии во светот, кои ја вклучуваат Европската Унија и 19 земји - Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Турција, Велика Британија и Соединетите Американски Држави.