Husameddin Gina
30 Октомври 2018•Ажурирај: 31 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) – Штедењето е несомнено важно, како од аспект на поединецот, така и за целокупниот економски напредок и одржување на макроекономската стабилност, рече Анита Ангеловска-Бежовска, гувернер на Народна банка на Република Македонија (НБРМ), на денешната прослава на Македонската банкарска асоцијација, по повод одбележувањето на Светскиот ден на штедењето, јавува Anadolu Agency (AA).
Таа нагласи дека штедењето е важно за секој поединец или семејство, тоа е основниот и најважниот чекор кон обезбедување сигурна финансиска иднина на долг рок.
„Задоволство ми е што можам да констатирам дека македонските граѓани негуваат култура на штедење во банкарскиот систем. Во последите 10-ина години вкупните депозити во просек растат со стапка од околу 8 проценти и на годишно ниво, што придонесе за значајно зголемување на штедењето од околу 10 процентни поени од БДП, достигнувајќи ниво од 55 проценти од домашниот бруто-производ“, нагласи Бежовска.
Стапката на вкупното домашно штедење е особено ниска во земјите од Југоисточна Европа, каде што изнесува околу 17 проценти, вклучително и во Македонија, каде што е близу просекот на овој регион.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, изјави дека годинешниот Светски ден на штедењето во земјата се дочекува со високо ниво на штедни влогови од 345 милијарди денари или 5,6 милијарди евра.
„Ова се добри вести, депозитната маса е важна за стабилноста на финансискиот систем. Исто така, депозитите влијаат за придвижување на економијата. Зголемената ликвидност на банките придонесува за повисоко кредитирање, тоа пак влијае на растот на приватната потрошувачка и инвестициската активност на фирмите, што на крајот резултира со динамизирање на економскиот раст“, истакна Тевдовски.
По повод Светскиот ден на штедењето, на најдобрите службеници во банките и штедилниците им беа доделени плакети за постигнатите резултати во вршењето на работните активности.
Светскиот ден на штедењето е воведен на 31 октомври 1924 година, во текот на Првиот меѓународен конгрес на штедилниците во Милано, Италија.