Gökhan Kurtaran
31 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
ЛОНДОН (АА) - По излегувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија (ЕУ), околу 75.000 лица вработени во финансискиот сектор би можеле да останат без работа, пренесува Anadolu Agency (AA).
„BBC“ (Би-би-си) објави вест која се заснова на извори од Британската централна банка (BoE), а во којашто се наведува дека по излегувањето на Кралството од ЕУ, околу 75.000 вработени од финансискиот сектор во Лондон би можеле да останат без работа.
Можно е оваа бројка да биде променета по потпишувањето дополнителен алтернативен договор меѓу Обединетото Кралство и ЕУ. Во веста се вели дека се очекува голем број од раководителите на банките во Лондон, со текот на времето да преминат во земјите-членки на ЕУ.
Во Британија честопати на дневен ред доаѓаат различни бројки за негативното влијание на излезот на земјата од ЕУ. На пример тинк-тенк организацијата „Bruegel“ (Брегел) со седиште во Брисел соопшти дека 30.000 позиции од финансиските организации во Лондон со време ќе бидат префрлени во земјите од Европската Унија.
Високиот раководител на лондонската берза, Хавиер Ролет, смета дека поради Брегзит, повеќе од 200.000 позиции од финансискиот сектор ќе се префрлат во земјите од ЕУ.
Консултантската компанија „Оливер Вајман“ во 2016 година подготви извештај за истражувањето што се темели на резултати од Британската централна банка, во којшто се наведува дека поради Брегзит, во Лондон без работа ќе останат од 65.000 до 75.000 лица.
Пред минатогодишниот јунски референдум за излез на Обединетото Кралство од ЕУ, голем број финансиски организации соопштија дека е можно да се префрлат во други финансиски центри по референдумот, но сѐ уште не се направени сеопфатни чекори во таа насока.
„JP Morgan“ (Џеј Пи Морган) пред референдумот објави дека 4.000 позиции од Лондон ќе ги префрлат во земјите од ЕУ, а подоцна бројката ја намали на 1.000. Швајцарската банка „UBS“ (УБС) соопшти дека меѓу 250 и 1.000 позиции ќе бидат префрлени во алтернативни финансиски центри.