Ivana Ramadanova
17 Мај 2018•Ажурирај: 19 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска се одржа свеченост по повод примопредавањето на должноста командант на Полкот за специјални операции, јавува Anadolu Agency (AA).
На свеченоста се обрати министерката за одбрана на Република Македонија Радмила Шекеринска која истакна дека Македонија е секогаш посакуван партнер од припадниците на армиите на земјите членки на Алијансата, а од почетокот на 2018 година е зголемено учеството во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан за 20 проценти.
„Со тоа ја покажавме нашата определба на дело да ја поддржиме Алијансата во напорите за воспоставување глобален мир и безбедност, а со овој чекој потврдуваме дека Македонија го заслужи своето членство во НАТО“, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Шекеринска во својот говор истакна дека подготвеноста на македонската Армија и нејзините резултати се оние што ја прават нашата држава сигурна, безбедна и просперитетна, потенцирајќи дека резултатите зависат од условите што ги имаат и во кои работат припадниците на Армијата.
Таа соопшти дека по долги години во тек се набавките на 14 илјади униформи за сите припадници на Армијата на Македонија, во тек е набавката на чизми за секој припадник на Армијата, а веќе започнаа постапките за реновирање на еден дел од објектите во касарната „Илинден“.
„Нашата цел не е само да ги промениме условите, туку, исто така, да создадеме и систем во којшто вашето знаење, вашата посветеност, вашата експертиза ќе дојдат најмногу до израз. И тоа беше една од причините што по неколку години сериозно се зафативме со работа на новиот стратешки одбранбен преглед“, рече Шекеринска.
Командантот на ПСО, бригадниот генерал Орце Јордев, рече дека Полкот за специјални операции од неговото формирање постигнува врвни резултати и ги помина сите евалуации од меѓународните институции.
„Како командант ми беа предизвик и надграда воспоставените високи критериуми. Критериуми кои придонесоа за врвна обученост, професионализам, исклучителна посветеност, високи резултати во континуитет, учество во мировни мисии, заради што со припадниците на Полкот се гордеат подеднакво и припадниците на АРМ и граѓаните на Република Македонија“, истакна Јордев.
Бригадниот генерал Методиј Хаџи Јанев, пред присутните изјави дека е горд што денеска застанува на чело на оваа единица, но истовремено е и свесен за предизвикот кој го поставиле татковците на оваа единица со стандардите што ги поседуваат, не само во државата, туку и во регионот и пошироко.
„Она што е предизвик и за што треба да се бориме е да му помогнеме на политичкото водство, со иновативност и фаќање чекор со современите закани, да стигнеме до крајната цел и зачленување во Евроатланската агенда во Евроатланската заедница, каде што ќе придонесеме кон светскиот и македонскиот мир“, рече генералот Хаџи Јанев.
Командантот на ПСО, бригадниот генерал Орце Јордев со Указ на претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, е поставен за началник на штаб во Здружената оперативна команда. Денеска во касарната „Илинден“ со воена свеченост должноста командант на ПСО, од Јордев ја прими бригадниот генерал Методи Хаџи Јанев.
На свеченоста присуствуваа и началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, претставници од Министерството за одбрана и ГШ на АРМ, команданти на единици на АРМ и други гости.
Во периодот до 23 мај, согласно Указите на претседателот на Република Македонија, ќе се реализира и примопредавање на должност во ГШ на АРМ на местата заменик на НГШ на АРМ и директор на ГШ на АРМ, како и во Здружената оперативна команда на местото командант на ЗОК и началник на штаб.