Nazlı Yüzbaşıoğlu,Gökhan Varan
28 Декември 2020•Ажурирај: 29 Декември 2020
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека Турција и Косово треба да ја продолжат соработката во борбата против терористичката организација ФЕТО, како и дека ФЕТО е многу сериозна закана и опасност за Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу во Анкара одржа средба со министерката за надворешни работи на Косово, Мелиза Харадинај Стубла, по што следуваше заедничка прес-конференција на двајцата министри.
Турскиот министер рече дека Турција и во текот на пандемијата на Ковид-19 ги продолжила контактите со Косово, и дека по изборите во земјата, во најкраток можен рок сака да го посети Косово.
Според него, на состанокот со косовската министерка разговарале за сите области од билатералните односи.
„Нашите економски односи се во добра насока, но можеме да ги доведеме и до понапредна позиција, постојат можности за тоа. Покрај потенцијалот на двете земји, договорот за слободна трговија што го потпишавме во 2019 година е многу голема предност за нас“, рече тој.
Чавушоглу истакна дека од денот на прогласувањето независност на Косово, Турција вложила и ќе продолжи да вложува голем напор во насока за признавање на независноста на Косово.
Шефот на турската дипломатија нагласи дека Турција од самиот почеток го поддржува процесот на дијалог помеѓу Србија и Косово, што е започнат за зголемување на стабилноста на регионот.
„Се обидуваме да дадеме придонес како земја што има добри односи со двете страни“, рече Чавушоглу, додавајќи дека Турција сака да се воспостави постојан дијалог помеѓу двете земји.
Тој потсети дека во Косово ќе се одржат предвремени избори и дека Парламентот ќе го избира новиот претседател на државата.
Турскиот министер за надворешни работи се осврна и на присуството на терористичката организација ФЕТО во Косово. „Во минатото Косово направи некои чекори, и соработувавме. Гледаме колку го напаѓаат Косово за тоа. Но, оваа соработка треба да продолжи“, нагласи тој.
Чавушоглу рече дека Турција не сака во една братска земја да има присуство на терористичка организација која извршила обид за државен удар во земјата.
„Присуството на ФЕТО во Косово можеби не може толку да ѝ наштети на Турција, но за Косово е многу сериозна закана и опасност. Ова структурирање треба да се отстрани од Косово. Знаеме дека тоа не е лесно. Бидејќи, гледаме дека исто како во Турција преку образованието се инфилтрирани во сите институции. Од друга страна, знаеме дека некои земји ја поддржуваат оваа мрежа, оваа терористичка организација, тоа не е тајна. Но, тоа е многу важно за иднината на Косово“, рече Чавушоглу.
Тој нагласи дека го поддржуваат Косово во сите предизвици со кои се соочува денес, и додаде: „Денес, утре, може да се најде решение за другите, но ако денес не се преземат мерки против оваа терористичка организација, се плашам дека утре ќе биде многу доцна. Денес уште еднаш на почитуваната министерка ѝ пренесов за тоа што се случи во Турција и ги истакнав нашите очекувања во оваа насока.“
Шефот на турската дипломатија нагласи дека ќе продолжат со хуманитарната помош и помошта во насока на развој на Косово, и дека ТИКА досега во земјата извршила проекти во вредност од над 100 милиони долари.
Чавушоглу рече дека во текот на пандемијата на Ковид-19, Турција два пати обезбедила медицинска помош за братската земја Косово, и дека со неговата колешка разговарале за тоа каква соработка може да развијат во врска со вакцинирањето.