Besar Ademi
10 Февруари 2017•Ажурирај: 10 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија (ЕУ), Јоханес Хан, по церемонијата за предавање на сертификатите за донација на 33 теренски возила за потребите на Граничната полиција на Министерството за внатрешни работи и на Центарот за управување со кризи, изјави дека има доверба и дека е оптимист за иднината на земјата“, јавува Anadolu Agency (AA).
Хан рече дека лидерите на политичките субјекти треба да демонстрираат политичка зрелост, да работат со програма што се темели на Договорот од Пржино, како и да се ангажираат за европската перспектива на Македонија.
„Оваа ситуација изгледа ќе трае уште малку. Тие треба да преговараат и да одлучат во интерес на земјата, граѓаните и во интерес на европската перспектива на Македонија. Треба да се фокусираат на работата за иднината на Македонија и нејзината интеграција во Европа. ЕУ ќе направи сѐ за да ѝ помогне на земјата и на нејзините лидери“, изјави еврокомесарот Хан.
Хан утрово се сретна со претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, додека вчера попладне реализираше одделни средби со лидерите на 6 политички субјекти во Македонија коишто на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 11 декември минатата година добија пратенички места во Парламентот. Овие средби се реализираа со цел да се согледат можностите за формирање на нова влада.