Elena Trenchevska Chekovikj
19 Декември 2024•Ажурирај: 19 Декември 2024
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја истакна важноста од компромис за надминување на билатералните пречки по Самитот ЕУ - Западен Балкан во Брисел, јавува Анадолу.
„Мораме да се издигнеме до новата реалност, а новата реалност е дека не е доволно едноставно да ја оставиме вратата отворена за нашите амбициозни членови, туку мораме да бидеме активни и треба активно да ги приближуваме. Истата амбиција и политичка определба ќе ја задржиме и во овој нов мандат“, рече Фон дер Лајен.
Таа истакна дека со партнерите од Западен Балкан ќе се продолжи да се работи на два приоритета, пристапувањето во Европската Унија и постепената интеграција во единствениот пазар на ЕУ.
Во врска со процесот на пристапување, Лајен рече дека е забележан значаен прогрес во текот на изминатата година.
„Оваа недела затворивме три преговарачки поглавја со Црна Гора, го отворивме кластерот за надворешни односи со Албанија и Советот се согласи да се продолжи со отворањето на 3. Кластер со Србија“, рече Лајен.
Посочи дека успехот лежи во подготвеноста на двете страни: „Идните држави членки мора да се подготват за одговорностите за членството, а истовремено ЕУ мора да се адаптира да акомодира поголемо семејство“.
„Комисијата ќе ги разгледа своите главни секторски политики. Сакаме да се погрижиме тие да се прилагодат на поголема Унија“, додаде таа.
Лајен се осврна и на единствениот пазар и Планот за раст за Западен Балкан, за кој рече дека може да ги доведе економиите на Западен Балкан поблизу до ЕУ.
„Економиите на Западен Балкан во моментов се на 35 отсто од просекот на ЕУ. Планот за раст има потенцијал да го удвои тоа во оваа деценија, во рамките на овој мандат. Планот за раст изнесува шест милијарди евра инвестиции, а принципот е инвестиции и реформи. Сега имаме пет многу амбициозни реформски планови за пет партнери од Западен Балкан. Тие предлагаат реформска агенда, а ние со нетрпение очекуваме да ја добиеме и шестата, а за возврат на овие реформи тие се поддржани со инвестиции“.
„Истовремено и најважно, Планот за раст им нуди на партнерите од Западен Балкан постепен пристап до нашиот единствен пазар. Затоа, тоа е инвестиција и отворот за реформи“, нагласи таа.
Како пример ги наведе таканаречените зелени патишта, наведувајќи дека тие го забрзуваат движењето на луѓе и стоки на 10 клучни гранични премини меѓу Европската Унија и Западен Балкан, што ќе го намали времето на чекање на границите до 80 проценти.
Дополнително, рече дека го воведуваат Западен Балкан во Единствената евро-платежна зона (СЕПА), која, како што истакна претставува едноставен евтин, брз и безбеден трансфер на пари помеѓу Западен Балкан и Европската Унија.
Посочи дека Црна Гора и Албанија ќе се вклучат кон ова следната година, а наскоро потоа и Северна Македонија и Србија.
Лајен на крајот ја пофали и регионалната соработка и прогресот со заедничкиот регионален пазар.