Husamedin Gina
09 Февруари 2021•Ажурирај: 10 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, истакна дека на ден ќе се вакцинираат 880 лица во сите поликлиники во Скопје и дополнителни близу 500 лица во пунктот во Клиничкиот центар во Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, денес ја посети Поликлиниката Бит-пазар, каде што се сместени фрижидерите и ќе се чуваат вакцините против Ковид-19, а потоа даде изјава за медиумите во која се осврна на процесот на вакцинација.
Истакнувајќи дека сите 7 поликлиники во Скопје ќе бидат активни за процесот на вакцинирање, министерот Филипче рече дека пунктовите за вакцинација во поликлиниките ќе работат во две смени.
„Капацитетот за вакцинирање на ден изнесува 880 лица, тука во сите поликлиники во Здравствениот дом во Скопје, и дополнителни близу 500 во пунктот во Клиничкиот центар во Скопје. Засега се пријавени 4.000 здравствени работници, од коишто околу 2.000 се во Скопје, останатите се во другите градови“, нагласи министерот Филипче.
Министерот Филипче, исто така, истакна дека од утре ќе биде пуштен сајтот за пријавување за вакцинација и дека на сајтот ќе може да се пријави буквално секој, а системот автоматски ќе ги генерира приоритетите.
Меѓу другото, министерот наведе дека за кратко време ќе се дознае точниот датум кога вакцините ќе пристигнат во нашата земја.
Наведувајќи дека во Северна Македонија е детектирана варијантата на британскиот вирус, министерот Филипче рече дека вчера имал средба со британската амбасадорка, при што биле разменети искуства во однос на тоа како започнал силниот бран на заразување во Велика Британија и какви мерки се преземени.
Министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, вчера го потпиша договорот за набавка на вакцини против Ковид-19 од кинескиот производител „Синофарм“.
Со договорот, Република Северна Македонија обезбедува 200.000 вакцини од кинеската компанија „Синофарм“.