Husamedin Gina
01 Јануари 2021•Ажурирај: 03 Јануари 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, денеска при посетата на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје истакна дека точно знае колку дози вакцини против коронавирусот треба да добие Северна Македонија во февруари, март и април, но бил замолен од производителот „Фајзер“ да не открива конкретни бројки, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Филипче, директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ и директорот на Универзитетската клиника за токсикологија, Ридван Бајрами, по посетата на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје дадоа изјави за медиумите.
Филипче, истакнувајќи дека две машки бебиња се родени една минута по полноќ, а по неколку минути уште едно женско, рече дека новогодишната ноќ била навистина мирна споредено со претходните години.
„Навистина се почитувани мерките да нема прослави, да нема групирање, и тоа е една голема заслуга и на граѓаните“, нагласи Филипче.
Во Ковид-центрите, како што рече Филипче, во континуитет веќе повеќе од една недела има скоро идентичен број на слободни кревети, и тоа е знак за една стабилна епидемиолошка ситуација.
На новинарско прашање каква гаранција добиле дека во февруари ќе ги добиеме првите дози од вакцината, министерот Филипче рече дека од компанијата го замолиле да не објавуваат бројки на дозите, инаку точно знаат колку дози треба да стигнат во февруари, колку во месец март и колку во април.
„Имавме во континуитет повеќе денови изминатата недела телефонски разговори, разменувавме имејл со компанијата „Фајзер“ и мислам дека е тоа една политика којашто успеа да ја имплементира заради зголемување на дел од нејзиното производство, така што [компанијата] води сметка и за целиот регион и за соседните земји, и јас верувам дека пред нас ќе биде еден успешен процес на имунизација“, нагласи министерот Филипче.
Директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ, истакна дека на Клиниката утрово има 122 хоспитализирани пациенти од Ковид-19, стотина од нив со тешка клиничка слика и дека тоа е најниска бројка на хоспитализирани.
Од друга страна, директорот на Универзитетската клиника за токсикологија, Ридван Бајрами, наведувајќи дека минатата ноќ од вкупно 10-те пациенти третирани во Клиниката, шестмина биле малолетни, рече дека граѓаните се придржувале на мерките донесени од Владата.