Elena Trenchevska Chekovic
03 Април 2025•Ажурирај: 04 Април 2025
СКОПЈЕ (АА) – Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, денес во Брисел изјави дека на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО ќе ги извести сојузниците за ситуацијата на Западен Балкан, посочувајќи дека внимателно ги следи случувањата во Босна и Херцеговина, Србија и на Косово, пренесува Анадолу.
„Ќе се фокусирам и на Западен Балкан, кој е наш директен сосед. Ги следиме случувањата во Србија, Босна и Херцеговина, изборите во Косово и треба да се ангажираме за овој дел од регионот“, рече Фајон.
Словенечката министерка истакна и дека нејзината земја ѝ нуди поддршка на БиХ, дека сака да остане на европскиот пат и да биде земја без тензии „бидејќи живееме во време кога треба да видиме силно лидерство посветено на безбедноста и благосостојбата на граѓаните“.
Покрај министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, на состанокот ќе присуствуваат и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, како и претставници на земјите партнери од Индопацифичкиот Регион - Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја.