Bojana Stojanovic
20 Јуни 2020•Ажурирај: 21 Јуни 2020
БЕЛГРАД (АА) - Во Србија утре, 21 јуни, се одржуваат парламентарни, покраински и локални избори, на кои право на глас имаат 6.583.665 граѓани, кои своето граѓанско право ќе можат да го остварат на 8.386 избирачки места, пишува Агенција Анадолија (АА).
Граѓаните ќе гласаат за новиот состав на Собранието на Србија, Парламентот на Војводина и за советници во локалните самоуправи.
Гласачите на парламентарните избори ќе можат да гласаат за 21 листа, а на покраинските избори во Војводина учествуваат девет изборни листи. Во пресрет на изборите, цензусот за влез во Собранието на Србија е спуштен од пет на три отсто.
Гласачките места ќе бидат отворени од 7 до 20 часот, заштитните маски и ракавици ќе бидат задолжителни на избирачките места за членовите на избирачките одбори, додека на гласачите им се препорачува да ги носат.
Предизборниот молк, односно забраната за изборна пропаганда, започна на полноќ на 18 јуни и трае до затворањето на избирачките места, на 21 јуни во 20 часот.
Републичката изборна комисија ќе ги објави прелиминарните резултати од изборите во текот на ноќта во недела, а рокот за објавување на конечните резултати е четврток, 25 јуни, до 20 часот, доколку не се повтори гласањето на одредени места.
Прв на гласачкото ливче е „Александар Вучиќ - За нашите деца“, под број два е „Ивица Дачиќ - СПС - ЈС - Драган Марковиќ-Палма“, а потоа следуваат „Д-р Воислав Шешељ - Српска радикална партија“, „Сојузот на Унгарци од Војводина - Иштван Пастор“, „Александар Шапиќ - Победа за Србија“.
По нив следуваат „За Кралството Србија - Жика Гојковиќ“, „Обединета демократска Србија“, „Академик Муамер Зукорлиќ - Само право - Партија на правдата и помирувањето - Демократска партија на Македонците“, „Метла 2020“.
Како десетти на гласачкото ливче ќе се најде „Милан Стаматовиќ - Здраво до победа - Драган Јовановиќ - Подобра Србија - Здрава Србија“, потоа следуваат „СДА Санџак - д-р Сулејман Угљанин“, „Милица Ѓурѓевиќ-Стаменковски - Српска партија Заветници“.
Следни на гласачкото ливче се „Народен блок - Велимир Илиќ - генерал Момир Стојановиќ“, „Сергеј Трифуновиќ - Движење на слободни граѓани“, „Суверенисти“, „Албанска демократска алтернатива - Обединета долина“, „Група граѓани: 1 од 5 милиони“, „Нека паднат маските - Зелена партија - Нова партија “, „ Чедомир Јовановиќ - Коалиција за мир“, „ Руска партија - Слободан Николиќ“ и „Движење Левијатан - Живеам за Србија“.