Gorana Jakovljevic
18 Октомври 2017•Ажурирај: 18 Октомври 2017
БАЊА ЛУКА (АА) - Пратениците на Народното собрание на Република Српска синоќа, на 22. редовна седница ја усвоија Резолуцијата за заштита на уставниот поредок и прогласување на воена неутралност на Република Српска, јавува Anadolu Agency (AA).
За резолуцијата којашто ја предложија клубовите на пратениците СНСД, СП и СДС-K гласаа 44 народни пратеници. Никој не беше против и ниеден воздржан, а седницата на Народното собрание на РС синоќа се одржа во мала сала, без присуство на пратениците на опозицијата на кои им беше изречена мерка за оддалечување од седницата.
Во оваа Резолуција се наведува дека РС е трајно определена за почитување на уставниот поредок на БиХ и дека територијата на РС е единствена, неделива и неотуѓива, во согласност со членот на Дејтонскиот договор, а секој обид за ускратување на сите суверени права над територијата на РС ќе се смета за кршење на уставниот поредок и меѓународното право и нема да произведува правно дејство.
„РС е определена секој иден статус да го координира со Република Србија како потписничка на Дејтонскиот договор. Во согласност со тоа, Народното собрание на РС донесува одлука за прогласување на воената неутралност на РС во однос на постоечките воени сојузи, до евентуално распишување референдум во РС на којшто би се донела конечната одлука за тоа прашање“, се вели во Декларацијата.
Освен тоа, Народното собрание ја утврди обврската на сите органи и институции на РС за спроведување на оваа резолуција како и сите претставници од РС во заедничките институции на БиХ.
„Претходно донесените акти на Народното собрание на РС кои се однесуваат на полноправното членство во воените сојузи престануваат да важат“, се наведува во усвоената резолуција.
Освен тоа, пратениците на владејачката коалиција го усвоија и Законот за Фондот на солидарност за дијагностика и лекување на заболувања, состојби и повреди кај децата во странство, Законот за измени и дополнување на Законот за компании, и измените и дополнувања на Законот за железниците на РС, со кој се дефинира спроведувањето на постапките за реструктурирање на оваа компанија.
Народното собрание на Република Српска го прими Извештајот на главната служба за ревизија на јавниот сектор на РС за извршената финансиска ревизија на Консолидираниот годишен финансиски извештај за корисниците на буџетот на РС за изминатата година и го усвои Годишниот ревизорски извештај на Службата за ревизија на јавниот сектор на РС за оваа година.
Освен тоа, Народното собрание на РС за вршител на должноста главен ревизор го избра Јово Радукиќ, до завршување на процедурата за избор на главен ревизор, а именувана е и комисија за избор на главен ревизор и негов заменик.