Zylfije Adem Jakupi
04 Ноември 2020•Ажурирај: 05 Ноември 2020
ПРИШТИНА
По налог на Специјализираното обвинителство на Косово во Хаг, денес е уапсен Јакуп Красниќи, припадник на поранешната Ослободителна војска на Косово и ќе биде префрлен во Хаг, јавува Агенција Анадолија (АА).
Красниќи го уапсија припадниците на ЕУЛЕКС и Полицијата на Косово, по десетчасовен претрес во неговата куќа во Приштина.
Адвокатот Валон Хасани на новинарите им потврди дека неговиот клиент Јакуп Красниќи е уапсен и дека ќе биде префрлен во Хаг. Хасани рече дека на Красниќи денес му е врачен налог за апсење.
„Денес Специјализираното обвинителство спроведе акција и врз основа на налог на Специјализираните совети е уапсен Красниќи. Тргнаа за Хаг. Потврдено е дека е покренато обвнение против него и се очекува дека наскоро ќе биде одредена прва седница пред Специјализираните совети", рече Хасани.
Нагласи дека не се прецизирани делата за кои Красниќи се сомничи, но дека тие дела се во рамките на надлежностите на Специјализираните совети на Косово во Хаг.
Од Специјализираните совети на Косово во Хаг рано утрово е соопштено дека се во тек операции на Специјализираното обвинителство кои се одвиваат со поддршка на Полицијата на Косово и Европската мсија за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС).
Јакуп Красниќи во текот на последната војна на Косово беше портпарол на ОВК. По војната како член на Демократската партија на Косово беше претседател на Собранието на Косово. Моментално е претседател на Националниот совет на Социјалдемократската иницијатива (Нисма) и не извршува ниту една државна функција.