Andelija Stojkovic
22 Август 2017•Ажурирај: 22 Август 2017
БЕЛГРАД (АА) - Министерот за храна, земјоделство и сточарство на Турција, Ахмет Ешреф Факибаба, и министерот за земјоделство на Србија, Бранислав Недимовиќ, денес на Агробизнис форумот во Белград потпишаа Акциски план во областа на земјоделството, јавува Anadolu Agency (АА).
Турскиот министер Факибаба изјави дека Србија и Турција во 2011 година за првпат потпишаа договор во областа земјоделство и оти со српскиот колега утринава разговарал за соработката и унапредувањето на увозот и извозот на производи од двете страни.
„Србија за нас е многу важна. Србија е наш голем пријател. Таа е важна за единство, мир и нашата соработка, претставува важен фактор на Балканот. Ја сметаме за значајна соработката на секое поле, но најмногу во полето економија. Денес со колегата Бранислав Недимовиќ имав добар разговор и потпишавме многу важни работи за нашата економија“, изјави министерот Факибаба по состанокот со српскиот колега Недимовиќ.
Тој повтори дека за Турција е важна слободната зона за трговија и оти желба на Турција е Србија да ја отвори вратата кон Азија, а Белград на Анкара да ѝ ја отвори вратата кон Европската Унија и кон Русија, со кои има договори за слободна трговија.
Факибаба изјави дека Турција ги поттикнува своите бизнисмени да инвестираат во Србија и дека ги има сѐ повеќе, но се радува и на инвестиции од Србија во Турција. Тој додаде дека поради тоа, денес во Србија има повеќе од 150 бизнисмени од областа земјоделство.
Турскиот министер кој се наоѓа во службена посета на Србија, изјави дека денес разговарале и за извоз на сончогледово масло, но и на овошје и зеленчук.
Српскиот министер Недимовиќ истакна дека со турскиот колега разговарал за договорот за слободна трговија, зголемување на надворешнотрговските размени, за инвестициите во сточарството и прехранбената индустрија, но и за усогласување на квотите за различни земјоделски производи. Тој додаде дека предлогот на Србија бил извоз на јунешко месо и сончогледово масло во Турција.
Недимовиќ оцени дека надворешнотрговската размена на двете земји расте и оти договорот за слободна трговија, кој е потпишан пред осум години, за петпати ја зголемил трговската размена на Србија и Турција.
Тој изјави дека минатата година од Србија најмногу се извезувале суви сливи, цигари и производи од пченка, додека Србија од Турција најмногу увезувала агруми и лешник.
„Постои многу добра политичка рамка меѓу претседателот Реџеп Таип Ердоган и Александар Вучиќ, која ни ја олеснува работата. Логистички, Србија може да биде платформа за трговија со ЕУ и со Русија, а Турција е наш премин кон Азија“, изјави Недимовиќ.
Министерот Факибаба ѝ се заблагодари на Србија за тоа што, како тој рече, била првата што ѝ дала поддршка на Турција во времето на неуспешниот обид за државен удар минатата година.
„Ние сме сигурни дека новата Влада на Србија нема да дозволи какви било училишта или курсеви што ги одржува терористичката организација ФЕТО“, изјави Факибаба.