Vedran Bošnjak
11 Септември 2021•Ажурирај: 13 Септември 2021
ТУЗЛА
Мајките и сопругите од Сребреница и Подриње ја продолжуваат својата повеќегодишна борба за вистината и правдата. Повторно на 11 во месецот се собраа на Плоштадот на слободата во Тузла, но, како што истакнуваат и самите, се сѐ помалку и помалку, известува Агенција Анадолија (АА).
„Многу мајки починаа, а не ја дочекаа идентификацијата на своите најмили. Претседателката на нашето здружение, Хајра Ќатиќ, е тешко болна. Ниту таа не го идентификуваше својот син Нино. Сведоци сте колку години трае нашата борба и огорчени сме што целата постапка на ексхумација и идентификација тече вака споро. Имавме разбирање, па и тогаш кога доцнеа платите на лицата кои се ангажирани за тие работи. Баравме од Советот на министри да им ги исплатат приходите, додека од нив бараме да го забрзаат процесот на ексхумација и идентификација“, рече Нура Беговиќ, членка на Здружението „Жени од Сребреница“.
По измените и дополнувањата на Кривичниот закон на БиХ, со кој се забранува негирање на геноцидот над Бошњаците во Сребреница, Беговиќ изјави дека повеќе не ја следат телевизиската програма.
„Кој повеќе може да го гледа тоа и да го слуша. Таквиот закон го оспоруваат политичарите кои имаат приватни клиники и во кои мајките од Сребреница ги плаќаат прегледите. Прашуваме какви луѓе се тоа. Ние од својата борба, бидете сигурни, нема да отстапиме. Сѐ додека последната од нас оди по земја, таа ќе ги бара коските на своите најмили. Комплетниот процес е болен и тежок. Како никој да нема обѕир кон нас, како да не ја разбираат сета наша болка“, истакна Беговиќ.
Собирот на Плоштадот на слободата во Тузла заврши со учење на Сурата „Ал-Фатиха“.