Aleksandar Savanovic
18 Мај 2023•Ажурирај: 19 Мај 2023
НОВИ САД (АА) - Незадоволните земјоделци, денеска, трет ден од протестите, во Нови Сад го блокираа Клисанскиот мост на повеќе часа. За време на блокадата, тракторите ги пропуштаат возилата на итната помош, а сообраќајот преку овој мост, што поврзува два дела на Нови Сад преку каналот Дунав-Тиса-Дунав, би требало да биде нормализиран околу 16 часот, јавува Анадолу.
Според наводите на Иницијативата за опстанок на земјоделците од Србија, ова не е последна блокада денеска и понатамошните потези ќе зависат од однесувањето на надлежното Министерство за земјоделство, односно Владата на Србија, во однос на нивните осум барања кои, заедно со претставниците од шест други здруженија на земјоделци, ги поднесоа на почетокот на овој месец и досега немаат добиено позитивен одговор на ниту едно од нив.
Радослав Адамовиќ од Иницијативата за опстанок на српските земјоделци наведува дека по попладневните консултации со другите земјоделски здруженија ќе одлучи дали ќе ги радикализира протестите.
„Ние засега имаме сили за уште една сериозна блокада, бидејќи имаме толку голем број трактори. А што се однесува до натамошната радикализација, тоа веројатно ќе се реши вечерва, бидејќи секоја вечер имаме состанок со другите здруженија и ги координираме нашите активности“, рече Адамовиќ во изјава за АА.
Коментирајќи ги денешните состаноци на некои здруженија на земјоделци во Претседателството на Србија, Адамовиќ рече дека на состанокот не бил поканет ниту еден од претставниците на седумте здруженија кои ги доставиле своите барања до Владата на Србија и дека се држат и понатаму до своите барања.
„Нашите одбија да разговараат со претседателот (на Србија, Александар Вучиќ, заб. ав.), бидејќи тој не е одговорен за овие прашања, иако сите знаеме дека тука во целата земја се размислува само со една глава. Не сме поканети на денешните преговори. Тука дојдоа две здруженија на млекари од Јужна Сава и Дунав, кои не ги поддржаа нашите протести, иако реално можеа да се вклопат во нашите барања. Сепак, тие всушност беа основани од министерката. Имаше и некои здруженија од Банат кои имаат повеќе претставници отколку членови. Министерството сака да се води монолог, а не дијалог. Не можеме да се согласиме со тоа“, изјави Адамовиќ.
Тој додава дека доколку не се смени ситуацијата во земјоделството, земјоделците ќе пропаднат, а граѓаните ќе мора да јадат неквалитетна и скапа храна од неконтролиран увоз.
Тој им се заблагодари на жителите на Нови Сад за поддршката за време на протестот.
Седум здруженија на земјоделци бараат од Министерството за земјоделство на Србија и другите надлежни министерства загарантирана цена на млекото од 78 динари + ДДВ, субвенции по хектар од 300 евра, премии за млекото од 20 динари по литар, изедначување на референтната цена на земјоделските посеви со берзите во Париз и Будимпешта, воведување заштитни мерки за сите земји на ЕУ и договори ЦЕФТА на сите млечни производи, дизел-горивото за обработливо земјиште без акциза со ДДВ да биде за 100 литри по хектар за земјоделски култури и 300 литри по хектар за градинарски и овошни култури, регрес за млечните крави од 40.000 динари и укинување на плаќањето на надоместот за одводнување и префрлање на оваа обврска на локалните самоуправи.
По два одржани состаноци во Владата на Србија кои не резултираа со договор, земјоделците се решија на протести, што прерасна во протестни блокади.