култура и уметност, Балкан

Традиционални деликатеси презентирани во рамките на „Недела на турската кујна“ во Скопје

Традиционалните турски вкусови во рамките на „Недела на турската кујна“, која се одбележува секоја година од 21 до 27 мај, ги презентираше амбасадорот на Турција во Скопје, Фатих Улусој

Dzihat Aliju  | 22.05.2025 - Обновена : 22.05.2025
Традиционални деликатеси презентирани во рамките на „Недела на турската кујна“ во Скопје Фото: Dzihat Aliju/АА

СКОПЈЕ (АА) - Традиционални деликатеси се презентирани како дел од „Недела на турската кујна“ во Скопјe, јавува Анадолу.

Традиционалните турски вкусови во рамките на „Недела на турската кујна“, која се одбележува секоја година од 21 до 27 мај, ги презентираше амбасадорот на Турција во Скопје, Фатих Улусој, кој беше и домаќин на настанот.

Претставниците на печатот во земјата ги дегустираа традиционалните вкусови на турската кујна на настанот што се одржа во резиденцијата на амбасадорот.

Во својот говор амбасадорот Улусој истакна дека се среќни што се домаќини на претставниците на печатот на настанот „Недела на турската кујна“, кој оваа година се одбележува по четврти пат.

Нагласувајќи дека Турција и Северна Македонија имаат историски и пријателски односи, Улусој рече дека односите меѓу двете земји се на високо ниво.

„Придавката ‘пријател’ што ја користиме за Северна Македонија не е фраза што се вели тукутака. Една турска поговорка вели: ‘Пријателот се открива во тешки времиња’. Луѓето од овие две земји отсекогаш биле едни покрај други во тешките времиња. Никогаш нема да ја заборавиме помошта и солидарноста што ги пружи Северна Македонија за време на катастрофалниот земјотрес што ја потресе нашата земја во 2023 година.

Како понов пример, Турција обезбеди помош за шумските пожари минатото лето, како и медицинска поддршка за повредените во катастрофалниот пожар во март оваа година во кој животот го загубија голем број млади луѓе. 10 од 12-те пациенти кои се лекуваа во Турција се вратија во својата земја и се надевам дека двајцата пациенти чие лекување е во тек ќе се вратат што е можно поскоро излекувани“, истакна амбасадорот Улусој.

- „За нас е важно претставништвата на АА и ТРТ во Скопје да го чувствуваат пулсот на балканската географија“ -

Амбасадорот Улусој се осврна и на активностите на АА и ТРТ во земјата, велејќи:

„За нас е важно претставништвата на Анадолу и ТРТ во Скопјe да го чувствуваат пулсот на балканската географија. Можеме да ги следиме случувањата во оваа земја и регион, кои се важни за нас, не преку вестите и коментарите напишани од други, туку низ перото и камерата на членовите на турските медиуми.“

Нагласувајќи дека турската и македонската кујна имаат многу заеднички точки, амбасадорот Улусој им препорача на гостите да ја разгледаат книгата „Турска кујна со рецепти стари со векови“ подготвена од познати готвачи и академици, под водство на Емине Ердоган, сопругата на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Во рамките на настанот „Недела на турската кујна“ се одржа и извлекување на кое учесниците Лидија Станчевска, Еркан Бабачиќ, Исмаил Синани и Билјана Бабиќ освоија повратен билет за Истанбул од „Туркиш ерлајнс“.

На настанот беа послужени класични јадења и десерти како што се целер со портокал и маслиново масло, сарма од лозов лист, боранија, чи ќофте, супа од тарана, пиде со кашкавал и месо, овчарска салата, пијаз (грав со кромид, сумак и магдонос), џаџик, грав со суџук, јагнешки тандир, шеќерпаре, овошен компот и лимонада.

Амбасадата на Турција во вечерните часови ќе организира вечера за претставниците на туристичките агенции во земјата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.