Zülfiya Yakup
07 Октомври 2019•Ажурирај: 08 Октомври 2019
ПРИШТИНА (АА) - Косовскиот претседател, Хашим Тачи, денес им честиташе на граѓаните на Косово и на политичките партии за одличните избори и демократско гласање, пренесува Anadolu Agency (AA).
Тачи на својот профил на Фејсбук наведе дека по предвремените парламентарни избори одржани вчера во Косово треба што побрзо да се формира новата влада.
„Им честитам на граѓаните на Република Косово и на политичките партии на одличните избори, на достоинственоста, слободата и демократското гласање. Косово повторно покажа висока политичка и демократска зрелост. Сега мораме да покажаме иста политичка зрелост во формирање на новата влада што е можно побрзо и да се соочиме со непосредните предизвици кои го чекаат Косово“, напиша косовскиот претседател.
Според податоците на Централната изборна комисија, врз основа на 97,45 отсто од пребројаните гласови води Движењето „Самоопределување“ на Албин Курти со освоени 25,60 отсто од гласовите на гласачите.
Демократскиот сојуз на Косово (LDK), чиј кандидат за премиер е Вјоса Османи, освои 24,90 отсто од гласовите, додека на трето место е Демократската партија на Косово (PDK) на Кадри Весели со 21,06 отсто од гласовите. Движењето „Самоопределување“ и Демократскиот сојуз на Косово досега беа во опозиција.
Коалицијата ААК-ПСД, чиј кандидат за премиер е Рамуш Харадинај, освои 11,53 отсто од гласовите.
Коалицијата Нисма - АКР - ПД на Фатмир Лимај има освоени 4,89 отсто, што значи дека за сега не го премина изборниот праг од 5 отсто за влез во Собранието на Косово.
Од четирите српски политички субјекти, убедливо победи Српската листа со освоени над 52 илјади гласови, што е 6,71 отсто.
Излезноста на овие избори е 44,18 отсто, од 1.937.868 гласачи со право на глас.