Балкан

ТАВ Македонија свечено го одбележа првиот лет кон новата дестинација Баден-Баден

Координаторот на аеродромите ТАВ Македонија, Неџат Курт, изјави дека со додавањето на Баден-Баден и Бремен, бројот на дестинации до Германија е зголемен на 10, додека вкупниот број дестинации од скопскиот аеродром, 39

Husamedin Gina  | 19.03.2019 - Обновена : 20.03.2019
ТАВ Македонија свечено го одбележа првиот лет кон новата дестинација Баден-Баден

СКОПЈЕ (АА) – ТАВ Македонија денеска официјално го одбележа првиот лет на „Виз ер“ („Wiz Air“) од Меѓународниот аеродром Скопје до Баден-Баден во Германија, одбележувајќи го воведувањето на две нови дестинации од Скопје кон Баден-Баден и Бремен, јавува Anadolu Agency (AA).

По заминувањето на првиот лет до Баден-Баден, Германија, Неџат Курт, координатор на аеродромите во ТАВ Македонија, и министерот за транспорт и врски на Република Северна Македонија, Горан Сугарески, дадоа изјава за медиумите.

Координаторот на аеродромите ТАВ Македонија, Неџат Курт, изјави дека со додавањето на Баден-Баден и Бремен, бројот на дестинации до Германија е зголемен на 10, додека вкупниот број дестинации од скопскиот аеродром, 39.

„Баден-Баден и Бремен се двете редовни нови линии на „Виз ер“ од Меѓународниот аеродром Скопје, кои ќе функционираат преку целата година. Ние веруваме дека овие нови дестинации ќе бидат навистина возбудливи за нашите патници кои често ќе ги користат како дестинација, притоа ќе откриваат и нови авантури“, рече Курт, додавајќи дека во текот на јануари и февруари 2019 година вкупно 305.246 патници патувале преку аеродромите во Северна Македонија, што претставува годишен пораст од 7 отсто.

Неџат Курт, исто така додаде дека годината ја завршиле со 2,3 милиони патници на двата аеродрома, со 16 отсто годишен раст, и со 19.750 лета, односно 9 отсто годишен раст.

На свеченоста по повод првиот лет кон Баден-Баден, присуствуваше и министерот за транспорт и врски на Северна Македонија, Горан Сугарески, кој истакна дека ова е добар показател како се развива авиосообраќајот во Северна Македонија.

„Како одговорна Влада, авиосообраќајот ни е ставен на високо ниво на нашата агенда. Крајната цел е да имаме квалитетен и безбеден авиосообраќај. Верувам дека вака поставените политики ќе ги оправдаат плановите на Министерството за воспоставување нови дестинации за граѓаните, како и за зголемување на бројот на туристите“, истакна Сугарески, додавајќи дека има континуиран раст на бројот на патници и дека нивната задача во наредниот период ќе биде привлекување на што поголем број авиокомпании кои ќе понудат нови дестинации во Европа и светот.

Со додавањето на Баден-Баден и Бремен, како нови дестинации, сега Меѓународниот аеродром Скопје е директно поврзан со 39 дестинации, на кои оперираат 13 авиокомпании.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.