Балкан

Столтенберг ја поздрави намерата за воспоставување авиолетови меѓу Приштина и Белград

„Ова е важен чекор што ќе го олесни и забрза движењето на луѓето и стоката во регионот на Западен Балкан. Командантот на нашата мисија на КФОР го задржува овластувањето во воздушниот простор над Косово“, рече Столтенберг

Zylfıje Adem Jakupı  | 20.01.2020 - Обновена : 21.01.2020
Столтенберг ја поздрави намерата за воспоставување авиолетови меѓу Приштина и Белград

ПРИШТИНА (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го поздрави воспоставувањето директни авиолетови меѓу Белград и Приштина, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Како што е соопштено од КФОР, Столтенберг изјави дека ја поздравува намерата на германската авиокомпанија „Еуровингс“ и групацијата „Луфтханза“ да воспостават директни летови меѓу Белград и Приштина, врз основа на писмо за намерата потпишано денеска во Берлин.

„Ова е важен чекор што ќе го олесни и забрза движењето на луѓето и стоката во регионот на Западен Балкан. Командантот на нашата мисија на КФОР го задржува овластувањето во воздушниот простор над Косово, во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации“, рече Столтенберг.

Тој додаде и дека НАТО ќе остане вклучено во долгогодишниот процес за нормализација на воздушниот сообраќај на Балканот, со кој раководи.

Од Министерството за инфраструктура на Косово е соопштено дека во Амбасадата на САД во Берлин, германската групација „Луфтханза“ испратила известување до Управата за цивилно воздухопловство на Косово за работата на таа компанија на линијата Приштина - Белград и обратно.

„Овој чекор го поздравија институциите на Република Косово, кои се посветени на нормализирање на воздушниот простор, бидејќи тоа означува признавање на властите за цивилно воздухопловство меѓу двете држави и соработка меѓу нив по 20 години. Оваа рута овозможува слободно движење на граѓаните и стоката со воздушен превоз“, се вели во соопштението.

Претходно денеска, косовскиот претседател Хашим Тачи го поздрави потпишувањето на писмото со намера за отворање на линијата Приштина - Белград. Тачи на својот профил на Фејсбук рече дека овој настан е секако уште еден чекор во напорите за нормализирање на односите меѓу Република Косово и Србија.

Тој се заблагодари на американскиот амбасадор во Берлин, Ричард Гренел и на советникот за национална безбедност на претседателот Трамп, Роберт О’Брајан, за нивниот придонес во овој договор.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.