Zlatan Kapic
10 Јуни 2026•Ажурирано: 10 Јуни 2026
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес по состанокот со командантот на Врховната команда на сојузничките сили на НАТО во Европа, генералот Алексус Гринкевич, изјави дека дијалогот е единствениот пат кон зачувување на стабилноста и безбедноста во регионот, јавува Анадолу.
Вучиќ наведе дека за време на разговорот се заблагодарил за, како што рече, стабилизирачката улога на мисијата КФОР, изразувајќи очекување дека ќе продолжи да придонесува за зачувување на мирот.
Соговорниците разговараа за актуелната безбедносна ситуација на Западен Балкан и за важноста на зачувувањето на регионалната стабилност, а претседателот на Србија истакна дека за земјата од клучна важност е зачувувањето на воената неутралност, со продолжување на соработката со НАТО преку програмата Партнерство за мир.
Вучиќ нагласи дека Србија останува посветена на одговорна и професионална соработка со Алијансата, со целосно почитување на сопствените национални интереси.
За време на состанокот особено беше укажано на важноста од зачувувањето на мирот на Косово, како и на потребата од заштита на српското население и почитување на меѓународното право, вклучувајќи ја и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Српскиот претседател потсети дека се навршуваат 27 години од усвојувањето на оваа резолуција, нагласувајќи дека таа останува клучна меѓународна рамка за регулирање на безбедносната и цивилната состојба на Косово.