Elena Trenchevska Chekovic
10 Јуни 2026•Ажурирано: 10 Јуни 2026
Изградбата на втората делница од железничката пруга кон Бугарија, на потегот Бељаковце – Крива Паланка, напредува со засилена динамика, и целото железничко поврзување со Бугарија се очекува да биде завршено до 2031 година, изјави вицепремиерот и министер за транспорт на Северна Македонија, Александар Николоски, при увидот во градежните работи на трасата, јавува Анадолу.
Според Николоски, станува збор за еден од најголемите и најкомплексни инфраструктурни проекти што во моментов се реализираат во земјата. Тој посочи дека проектот претставува значајно инженерско достигнување и е дел од Коридорот 8, кој ја поврзува Северна Македонија со Бугарија и Црното Море.
Во рамки на проектот е предвидена изградба на три нови железнички станици – Кратово, Романовце и Гиновце, како и на 29 мостови, 15 тунели, шест надвозници и три подвозници.
Министерот Николоски истакна дека поради конфигурацијата на теренот, пругата е проектирана за брзина на движење на возовите од 100 до 120 километри на час, што, според него, претставува соодветно решение за вакви услови.
Тој нагласи дека мостовите што се градат се меѓу највпечатливите објекти на трасата, при што највисокиот столб достигнува висина од 61 метар.
Министерот информираше дека во проектот ќе бидат вградени десетици илјади тони арматура и околу 125.000 кубни метри бетон. Според него, реализирани се 31 процент од конструктивните работи, додека вкупната реализација на проектот достигнала 36 проценти.
Николоски изрази очекување до октомври 2028 година по делницата да сообраќаат возови и најави дека по завршувањето на втората делница ќе следува изградба и на третата делница од железничкото поврзување со Бугарија.
Директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, изјави дека станува збор за делница долга 34 километри на која повеќе од три децении немало значајни активности. Тој додаде дека реализацијата на проектот достигнала 37 проценти, а работите се одвиваат на земјени и градежни зафати, санација и доградба на 26 мостови и изградба на 15 тунели.