Elena Trenchevska Chekovic
10 Јуни 2026•Ажурирано: 10 Јуни 2026
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес од Софија истакна дека Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) останува една од најзначајните рамки за политички дијалог и соработка во регионот, посочувајќи дека заедничките предизвици бараат заеднички одговори, пренесува Анадолу.
Муцунски денес присуствуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија, кој се одржува во рамките на бугарското претседавање со иницијативата.
Состанокот, посветен на одбележувањето на 30 години од формирањето на ПСЈИЕ, се одржа под мотото „Заеднички компас за стабилен, безбеден и одржлив регион – 30 години регионална сопственост и европска аспирација“, при што во фокусот беа европската перспектива на регионот, регионалната соработка, безбедноста и економскиот развој.
Во своето обраќање, како што наведе македонското МНР, Муцунски истакнал дека ПСЈИЕ останува една од најзначајните рамки за политички дијалог и соработка во регионот, оценувајќи дека заедничките предизвици бараат заеднички одговори и дека иницијативата претставува автентична регионална платформа создадена и водена од земјите од регионот.
Осврнувајќи се на актуелните геополитички и безбедносни состојби, министерот нагласи дека во услови на војна во Европа, хибридни закани, дезинформации, енергетска несигурност и киберризици, европската интеграција и регионалната соработка добиваат уште поголемо стратегиско значење.
„Денес проширувањето веќе не е само технички пристапен процес. Тоа е стратегиска инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа. Безбедна и просперитетна Европа не може да биде целосна без целосна интеграција на Западен Балкан“, порача Муцунски.
Тој ја потврди целосната посветеност на Северна Македонија кон членството во Европската Унија, нагласувајќи дека европската интеграција претставува национален проект насочен кон посилни институции, подобри можности за граѓаните и посигурна иднина за младите. Притоа истакна дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од почитувањето на преземените обврски, предвидливоста на процесот и принципот на заслуги.
Муцунски посочи дека државата останува посветена на развојот на транспортната, енергетската и дигиталната инфраструктура, како и на зајакнувањето на регионалната поврзаност преку коридорите 8 и 10, кои ги оцени како стратегиски значајни за регионот и за европската интеграција.
На крајот од обраќањето, Муцунски порача дека иднината на Југоисточна Европа е неразделно поврзана со иднината на Европа и дека регионот има потенцијал да биде активен придонесувач кон европската безбедност и просперитет.
На состанокот, високите претставници на земјите членки ја потврдија важноста на регионалната соработка за стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа. Во рамките на собирот беше усвоена и Заедничка декларација со која се реафирмира поддршката за европската интеграција на регионот, добрососедските односи, демократските вредности и заедничките напори за градење поотпорен, поконкурентен и поодржлив регион.