Admir Fazlagic
02 Август 2020•Ажурирај: 03 Август 2020
СКОПЈЕ
Премиерот на Република Северна Македонија Оливер Спасовски присуствуваше на свеченоста повод Денот на Републиката 2 Август - Илинден, при што истакна дека денес Северна Македонија е држава членка на НАТО, земја на пат за членство во ЕУ, како и земја која меѓународната заедница ја прогласи за најуспешна приказна на Западен Балкан во последните три години, јавува Агенција Анадолија (АА).
Делегација на Владата на Северна Македонија предводена од премиерот Спасовски во Скопје положи цвеќе пред споменикот на Слободата – „Сила, слава и победа“ по повод Денот на Републиката 2 Август. Потоа, Спасовски имаше свое обраќање до јавноста во кое истакна дека „на 2 Август е поставен најцврстиот темелник во основата на македонската државност."
Во говорот на свеченоста, премиерот Спаовски рече дека денес се слави празник за подобро утре на оваа и на сите идни генерации како завет дека ќе продолжат заедно да ја градат иднината.
„Денеска кога со сета почит и достојност се сеќаваме на државотворните настани на двата илиндена во 1903 и во 1944, од перспективата на оваа 2020 година неминовно е да се соочиме со фактот дека треба да ја прифатиме државотворната агенда на концептот кој силно повикува да ја градиме Македонија како граѓанска држава, која ќе биде слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници. Едно општество за сите", рече Спасовски.
„Како дел од моќното НАТО семејство, како неизоставен дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот, Северна Македонија стана фактор на стабилност во регионот, извозник на безбедност и земја во која граѓаните и децата имаат сигурна иднина. Со членството во НАТО не сме повеќе сами. Ние сме сојуз. Нашата Северна Македонија никогаш повеќе нема да биде ставена под прашалник ниту изолирана од светот. Со НАТО ние сме дел од светот", потенцираше Спасовски.
Исто така, тој потсети дека светот се соочува со кризата предизвиката од пандемијата на коронавирусот.
„Денес кога Северна Македонија но и целиот свет се соочува со здравствено економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирус Ковид-19 овие начела на солидарност и заедништво се попотереби од било кога досега. Ова е криза која ни покажува дека никој не може сам, туку само делувајќи сложно и солидарно можеме да стигнеме до решение", рече Спасовски.
Меѓу другото, во обраќањето Спасовски истакна и дека Северна Македонија од „заборавен патник на слеп балкански коловоз ја поставиле на шините кои водат кон евроатланска интеграција."
„Подадовме рака за соработка со сите наши соседи и ја стекнавме нивната доверба. Преку овој отворен пристап се реализираа Договорот од Преспа со Грција и договорот за доборососедство со Бугарија. Благодарение на овие договори Северна Македонија од лош пример се претвори во успешна приказна.Таа стана светла точка на Балканот. Довчерашните резигнирани соседи станаа нашите најсилни лобисти и поддржувачи на меѓународен план. Станавме сојузници. Покажавме и докажавме дека со слога, а не со кавги, државата оди напред кон подобро", порача Спасовски.