Балкан, Коронавирус

Словенија: Речиси 7.000 новозаразени, се разгледува петдневен карантин

„Ситуацијата во училиштата е многу сериозна поради инфекциите“, предупреди претседателот на Здружението на директори на основно и музичко образование на Словенија, Грегор Печан

Almir Terzic  | 14.01.2022 - Обновена : 15.01.2022
Словенија: Речиси 7.000 новозаразени, се разгледува петдневен карантин

ЉУБЉАНА (АА) - Во Словенија се потврдени повеќе од 6.900 новозаразени со коронавирусот во екот на почетокот на втората акција наречена „Денови на вакцинација“, а според зборовите на министерот за здравство, Јанез Поклукар, Владата ќе ја разгледа промената на карантинот по високоризичен контакт со заразено лице, јавува Агенција Анадолија (АА).

Вчера се направени 13.681 ПЦР-тест и потврдени се 6.918 заразени. Уделот на позитивни резултати е 50,6 отсто. Истовремено, 87.899 лица биле подложни на брзо тестирање.

Според податоците на Националниот институт за јавно здравје (NIJZ), во моментот во земјата има повеќе од 55.000 активни случаи на вирусот. Просечниот број на потврдени случаи во последните седум дена е 5.202, а инциденцата на потврдени случаи на 100.000 жители во последните 14 дена е 2.625.

Последните податоци за состојбата во словенечките болници сѐ уште се непознати.

„Ситуацијата во училиштата е многу сериозна поради заразувањата“, предупреди претседателот на Здружението на директори на основно и музичко образование на Словенија, Грегор Печан. Според неговите зборови, проблемот настанува поради новото правило наставникот да мора да биде во карантин доколку 15 минути бил во иста просторија со заразен ученик, додека порано ова време било 45 минути во училиштата низ земјата.

На прашањето за можноста за затворање на училиштата поради забрзаното ширење на коронавирусот, министерот за здравство, Јанез Поклукар, рече дека ако училиштата се затворат, тоа затворање сигурно ќе биде последно. Сепак, смета дека и промената на карантинот ќе придонесе за понатамошно работење на училиштата. Како што рече, новините, чии детали сѐ уште не ги соопшти, најверојатно ќе стапат на сила следната недела.

Во јавноста се појави информација и за можноста за скратување на карантинот од постоечките 7 на 5 дена. Меѓутоа, според неофицијални информации, воведените карантини денеска нема да бидат скратени.

Владата претходно, на предлог на епидемиолозите, го намали карантинот од 10 на 7 дена. Директорот на Националниот институт за јавно здравство, Милан Крек, минатата недела рече дека должината на карантинот би можела да се намали на 5 дена, но не додека Омикронот не стане доминантна верзија на коронавирусот во Словенија.

Националната лабораторија за здравје, животна средина и храна (NLZLOH) објави дека уделот на варијантата Омикрон во позитивните ПЦР-тестови потврдени во нејзините лаборатории е околу 90 отсто. Тоа значи дека делта-верзијата сѐ уште е присутна во Словенија.

Во целата земја од вчера во тек е втората акција за вакцинација „Денови на вакцинација“, која ќе се одржи денеска и утре. Од 8 до 20 часот можно е вакцинирање без закажување во здравствените установи, некои ковид-болници и мобилни единици низ земјата. Целта на кампањата е вакцинирање на што поголем број луѓе со прва, втора или трета доза.

Досега во Словенија 56,8 отсто од луѓето или нешто помалку од 1.199.000 луѓе се вакцинирани против Ковид-19, а прва доза примиле повеќе од 1.255.000 луѓе. Над 517.000 лица досега се вакцинирани со дополнителна доза.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.