Dzihat Aliju
26 Мај 2019•Ажурирај: 27 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во Северна Македонија го организираше четвртиот и последен дел од серијата „Едукативни семинари за дефектологија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ), во соработка со Здравствениот дом Скопје, во кампусот на ИБУ во Скопје организираше активност на која учествуваа голем број гости и учесници на проектот.
На четвртиот семинар од серијата „Едукативни семинари за дефектологија“, презентации имаа доц. д-р Ајтен Дузкантар од Универзитетот „Анадолу“ со темата „Сексуален развој и полово образование“ и проф. д-р Фунда Аџарлар, на темата „Теорија на умот“.
Проф. д-р Аџарлар, во изјавата за новинарите истакна дека речиси 30 години работи на полето на специјалното образование, истакнувајќи дека главно работела на полето на вештините на јазичниот развој и јазичните нарушувања, потребни кај децата со пречки во развојот.
Аџарлар изјави дека во своето предавање зборува за теоријата на умот, која е една од многуте потребни вештини, поврзани со јазичните нарушувања. „За време на предавањето, слушателите имаа можност да чујат за карактеристичните разлики на вештините на теоријата на умот кои постојат меѓу децата кои покажуваат нормален развој и децата со аутистички спектар на нарушувања“, рече проф. д-р Аџарлар.
Аџарлар истакна дека во голем број земји, особено експертите кои работат на полето на дефектологија, имаат потреба да се стекнат со нови знаења и информации, додавајќи дека на тоа поле, ТИКА преземала важна функција во решавањето на тој проблем. Таа истакна дека е потребно тоа да продолжи и во иднина.
Доц. д-р Дузкантар нагласи дека работи во Институтот за истражување на инвалидитет во рамките на Универзитетот „Анадолу“, кој е единствен од тој тип во Турција, информирајќи дека приближно 30 години се занимава со истражувања и услуги на лицата со инвалидитет.
Дузкантар рече дека темата на предавањето е нова и во Турција.
„Обука за сексуално образование и заштита од злоупотреба. Ова е многу важно бидејќи децата со посебни потреби и групата на аутистички деца која спаѓа тука, кога станува збор за злоупотреба, самите не се свесни што се случува и што им се прави, па затоа многу лесно можат да станат цел. Всушност, нема сексуално образование ниту за децата со нормален развој. Затоа, денес ќе се обидеме да го објасниме сексуалниот развој, половата едукација, а особено внимание ќе му обрнеме на учењето на вештините за приватност, обидувајќи се на тој начин да ја објасниме заштитата од злоупотреба, заснована врз учењето на вештините за приватност.“
Дузкантар рече дека станува збор за нова наставна форма и новитети во рамките на дефектологијата, при што се осврна на значењето на ТИКА за целиот проект, кој претставува мост за сето тоа.
Целиот проект се состоеше од четири дела. Првиот започна на 24 февруари, а денеска, по завршениот последен, четврти дел, на учесниците им беа доделени сертификати за успешно завршена програма.