Husamedin Gina
27 Јуни 2019•Ажурирај: 28 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Северна Македонија денеска организираше Отворен ден за иницијативи на граѓански организации на тема „Младински политики“, јавува Anadolu Agency (AA).
На отворениот ден свои обраќања имаа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за здравство, Венко Филипче, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каески и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски.
Mинистерот за здравство, Венко Филипче, истакнувајќи дека во Министерството за здравство навистина вложиле во кадарот, особено во однос на младите лекари, рече дека Владата им покажува на младите дека ги имаат сите можности и инструменти во раце за да бидат дел од креирањето на политиките.
„Воведовме две мерки согласно последната измена на Законот за здравствена заштита - тоа е загарантираното работно место на секој млад лекар кој ќе заврши факултет и ќе го положи стажот во лекарската комора и ќе добие лиценца за работа како лекар“, нагласи Филипче, додавајќи дека се обезбедени и загарантирани работни места за сите невработени медицински сестри согласно последниот оглас со којшто сестрите ќе се вклучат во патронажните сервиси.
Истакнувајќи дека дебатите во однос на имплементацијата на политиките на младите е многу важна, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, рече дека како Министерство постојано работат за да овозможат сите млади луѓе да стигнат до вработување.
„Мора да истакнам дека како Министерство навистина посветено работиме на тоа да обезбедиме можност сите млади луѓе да стигнат до вработување, што е една од основните работи за да може да се постигне егзистенција во нашата држава“, рече Царовска, потсетувајќи дека Владата одвоила 1 милијарда и 100 илјади денари за оперативните мерки за вработување.
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, истакна дека денеска имале чест да разговараат со невладините организации за унапредување на статусот на младите во земјата и нивната поголема вклученост во образовните политики.
„Имавме чест и задоволство денеска да дискутираме со граѓанскиот сектор, со невладини организации, со граѓански активисти, со млади луѓе и за нашите напори во политиките за подобрување на нивниот статус, со нивна поголема вклученост во креирање на националните образовни политики, но и за одредени конкретни политики и законски решенија со кои се подобрува статусот на младите“, нагласи Адеми.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каески, рече дека денеска, со организирањето на „НВО отворен ден“ покажале дека младите се наоѓаат на врвот на приоритетите на Владата на Република Северна Македонија.
Од друга страна, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, нагласи дека на денешните иницијативи на невладините организации тие како Фонд за иновации ќе одговорат со неколку нивни иницијативи и ќе ги предизвикаат невладините организации да се приклучат.
На отворениот ден за иницијативи - Отворен ден за иницијативи на граѓански организации на тема „Младински политики“, невладините организации до ресорните министерства предложија голем број проекти, меѓу кои се наоѓаше и проектот за изградба на Студентски град.